• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Ковачевски да го одбие предлогот, а јас ќе го повлечам барањето за предвремени избори

Мицкоски: Ковачевски да го одбие предлогот, а јас ќе го повлечам барањето за предвремени избори
Скопје, 3 јули 2022 (МИА) - Ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ, овие два документи вакви какви што се прифатливи. Му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова коешто е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори. И трета работа, му понудив, ако толку верува дека е обезбеден идентитет, тогаш најпрвин во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани члениот 11 и членот 14. Ова се трите заклучоци на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кои тој ги соопшти по средбата со премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски. - Само треба да го одбијат предлогот, да речат не. Бидејќи ова не се преговори, и ова не е преговарачка рамка со којашто ние обезбедуваме европска иднина. Ова е преговарачка рамка со којашто или се асимилираме и бугаризираме па така да бидеме дел од ЕУ или нема да бидеме дел од ЕУ, потенцираше Мицкоски. Мицкоски рече дека средбата со Ковачевски повеќе била од информативен карактер на којашто премиерот го презентирал сето она коешто изминативе денови го слушаме во јавноста. - Даде свое гледање на документите коишто треба да ја дефинираат преговарачката рамка и записникот од Меѓувладината конференција којашто евентуално би требало да се одржи. На сметка на тоа јас дадов свое гледиште на текстот и врз основа на тоа би извлеков следните три заклучоци. Прво, ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ овие два документи вакви какви што се прифатливи и ВМРО-ДПМНЕ и ниту јас лично имаме намера истите документи да ги прифатиме, рече Мицкоски. Тој потенцира дека тоа не е одлука само на Христијан Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. - Второ, му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова коешто е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори. Да ги ставам сите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ институционални и да и помогнеме на Владата во надминување на предизвиците коишто оваа зима ќе се појават пред нас. Тука пред сè мислам на безбедносни, енергетски, предизвици со храна, финансиски и друго. И на пролет кога ќе ја поминеме сите заедно, според мене, оваа можеби а и според многумина најтешка зима да седнеме и да направиме реевалуација, репроценка на реалната состојба, изјави Мицкоски. И третата работа која Мицкоски му ја понудил на Ковачевски е во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани членовите 11 и 14. - Членот 11 од записникот е член којшто детерминира дека Македонија нема да отпочне преговори сè додека не го промени Уставот и нема да има преговарачка рамка, а членот 14 се повикува на протоколот којшто е дел од втората Меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија. Конференција и протокол во којшто се наоѓаат историските, образовните прашања, културните прашања и промена на учебниците и се она коешто изминативе денови како бугарска верзија јавноста можеше да го види. Тоа е тој протокол, тоа е членот 14, потенцира Мицкоски. Тој рече доколу Брисел ги избрише тие делови, тогаш може веднаш да се седне и да се разговара. - Ако е така како што не убедуваат дека ова обезбедува европска иднина, а не асимилација на Македонија и уништување на македонскиот идентитет, рече Мицкоски.ир/са/

Остани поврзан