• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Кандидатот за градоначалник за Битола ќе го објавиме во втората половина на август

Мицкоски: Кандидатот за градоначалник за Битола ќе го објавиме во втората половина на август

Битола, 17 јули 2021 (МИА) - Очекувам голема победа на локалните избори, а потоа промени на политичката сцена и ново парламентарно мнозинство, изјави од Битола, лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

На вечерашната средба со партиското членство од овој град, Мицкоски потврди дека кандидатот за градоначалник на Битола ќе го соопштат во втората половина од идниот месец.

-Очекувам една голема победа на ВМРО - ДПМНЕ на локалните избори затоа што ќе понудиме нова структура на кандидати за градоначалници, од нив дури 95 отсто се нови луѓе кои по прв пат ќе ја бараат поддршката на граѓаните. За мене Битола претставува посебен предизвик и очекувам после локалните избори Битола повторно да го добие оној сјај кој што го заслужува. Сеуште немаме одлучено кој ќе биде кандидат затоа што сеуште се одвиваат анкетите и мерењата, и сеуште се собираат проекти со кои што ќе излеземе пред битолчани, но во втората половина на месец август ќе зборуваме за конкретни имиња како и за проектите кои ќе ги промовираме пред битолчани. По локалните избори очекувам нов ветер на политичката сцена и ново парламентарно мнозинство, истакна Мицкоски вечерва во Битола.

Претседателот на најголемата опозициска партија очекува во четврток пратениците да расправаат за предложената Резолуција од страна на ВМРО - ДПМНЕ, а во врска со преговарачкиот амбиент и релации со соседна Бугарија.

-Се надевам дека Резолуцијата ќе биде дел од собраниската дебата, таква каква што е, без измени и се надевам дека СДСМ во име на единството на македонскиот народ ќе ја поддржат таа Резолуција. Во спротивно, жалам но ќе констатирам дека партиите во власта не се борат за интересите на македонскиот народ, нагласи Мицкоски.

На прес - конференција што вечерва се одржа во Битола, Мицкоски изјави и дека процесот на реформа во партијата завршил, а сега го почнуваат процесот на реформи во државата. мт/вг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан