Мицкоски: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за законот за амнестија е јасен
- Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за законот за амнестија е јасен. Прашањето е дали има недоразбирање меѓу пратениците од СДСМ и раководството на партијата, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи го денешното неизгласување на потребата од носење на овој закон во Собранието.
Скопје, 2 ноември 2023 (МИА) - Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за законот за амнестија е јасен. Прашањето е дали има недоразбирање меѓу пратениците од СДСМ и раководството на партијата, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи го денешното неизгласување на потребата од носење на овој закон во Собранието.
- Откако овој закон ја помина владината процедура, се најде на владина седница. Тоа може да значи дека Спасовски, Ковачевски, Маричиќ, Петровска, Грковска и останатите од СДСМ, го гласале на владина седница, а пратениците сега велат дека нема да го гласаат. Можеби прашањето сега треба да биде да не има некакво недоразбирање меѓу пратениците и раководството на СДСМ, рече Мицкоски.
Законот за амнестија што требаше да се носи по скратена постапка денеска не ја доби потребната поддршка од Собранието. „Против“ гласаа 66 пратеници, 17 беа „за“, а тројца гласаа воздржано.
Мицкоски повтори и дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да има двојни избори, односно и претседателските и парламентарните избори да се одржат во ист термин.
Тој одговарајќи на новинарски прашања рече дека доколку власта одлучи да не ја консултира опозицијата и да нема консензус за датумот на изборите и начинот на кој ќе се организираат, тогаш одговорноста ќе биде нивна.
- Нашиот став е јасен дека не треба двојно да ги малтретираме граѓаните затоа што некој проценил дека политички така повеќе му одговара да ги раздвои изборите односно претседателските во март, а парламентарните во јуни мислејќи дека ќе создаат еуфорија и дека тоа ќе им помогне да постигнат подобар резултат на парламентарните избори. Никој нема право да троши народни пари за да реализира свои амбиции и затоа инсистираме изборите да бидат заеднички, рече Мицкоски. бак/ац/
Фото: МИА архива