• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Власта да престане да преговара за македонскиот идентитет, јазик и историја

Мицкоски: Власта да престане да преговара за македонскиот идентитет, јазик и историја
Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) - Власта да престане со преговори за македонскиот идентитет, јазик и историја, да се вратат од Софија и да кажат дека преговорите ќе продолжат само кога ќе има услови да се сочува нашето достоинство, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашање при посетата на Општина Ѓорче Петров, Мицкоски истакна дека очекува власта „веднаш да престане да ги распродава македонските државни и национални интереси“. Според него, далеку од очите на јавноста „двајца луѓе“ блиски на министерот за надворешни работи Бујар Османи во Софија преговараат за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. - Јас очекувам да престанат да ги распродаваат македонскиот идентитет, култура, наследство, историја. Тоа очекувам од овие, ако можам така да ги наречам македонски официјални лица. Веднаш да престанат, да се вратат од Софија и да кажат дека работата не бива, престануваме во овој момент, кога ќе се создадат услови тогаш ќе продолжиме. Во овој момент очигледно не постојат услови со кои што можеме да го сочуваме нашето достоинство, изјави Мицкоски. Коментирајќи ги случувањата на седницата на собраниската Комисија за европски прашања, Мицкоски рече дека тие претставуваат „срам за демократијата“, чија главна цел е да се направи дефокус од реалните теми - од тешкиот живот, преговорите со Бугарија и одлуката на РКЕ за новата цена за електрична енергија. сп/

Остани поврзан