• вторник, 27 јануари 2026

Владата ќе се произнесе по кандидатурите за републички јавен обвинител откога тоа ќе го направи Советот на јавните обвинители

Владата ќе се произнесе по кандидатурите за републички јавен обвинител откога тоа ќе го направи Советот на јавните обвинители

Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата ќе го каже својот став во однос на изборот на нов републички јавен обвинител откога за тоа ќе се произнесе Советот на јавните обвинители.

- Сега постапката е да се произнесе Јавното обвинителство, односно Советот на јавните обвинители, да почекаме тие да се произнесат, а потоа Владата ќе излезе со свој став - рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по увидот на инфраструктурните проекти во општина Гази Баба.

Петмина кандидати се пријавени на огласот на Собранието за јавен обвинител на Република Северна Македонија, кој истече ноќеска на полноќ, но за да се затвори листата, се остава простор од 2-3 дена за евентуални пријави што навреме се пратени по пошта, а сè уште не се пристигнати.

На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право. 

Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител. сст/вг/

Фото Влада

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан