• среда, 27 ноември 2024

Мицкоски: Архиепископот Стефан ја има мојата недвосмислена поддршка за секој чекор што го презема

Мицкоски: Архиепископот Стефан ја има мојата недвосмислена поддршка за секој чекор што го презема
Скопје, 19 мај 2022 (МИА) - Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ја има мојата недвосмислена поддршка за секој чекор што го презема, исто како и останатите владици во Синодот. Единствено нешто кои тие ќе го направат, ќе биде во насока на заштита на интересите на православните христијани и во насока на заштита на македонскиот народ, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој денеска при посетата во скопската општина Аеродром одговарајќи на новинарско прашање околу односите меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, кои после половина век одржаа заедничка литургија, рече дека лично упатува порака до сите православни верници да се обединат околу МПЦ-ОА. - Јас сум свесен, како многу пати во минатото и вековите наназад дека ќе имаме луѓе кои ќе сакаат да направат поделба, кои ќе шират скептицизам, недоверба. Свесен сум дека тие луѓе се под жестоко влијание на оние сили на кои што не им одговара македонско единство, кои не им одговара обединување околу Синодот на МПЦ. Ние мораме како народ да се обединиме овој пат, ние мораме да бидеме паметни, не смееме да дозволиме надворешни фактори да нѐ разделуваат, рече Мицкоски. Мицкоски потенцира дека и архиепископот Стефан и владиците во Синодот знаат што е најдобро за македонскиот народ и православните верници и затоа повика на единство. - Ја користам оваа прилика и да ја поздравам и одлуката на вселенскиот патријарх, кога практично се тргна и шизмата, кога МПЦ-ОА влезе во канонско единство со што јасно се покажува нашата разлика од останатите балкански православни народи и јасно се става до знаење дека тоа е она кое што е вистинската патека и очекувам набргу, во периодот што следи и формално да се добие томосот и конечно да се добие автокефалност, додаде Мицкоски. Токму затоа, според него, потребно е обединување и духот и енергијата на сите православни верници да го насочат кон архиепископот г.г. Стефан, како и кон владиците од Синодот. - Ние да дадеме недвосмилена поддршка и сите заедно да се обединиме, а тие да работат за интересите на народот, како што и работат до сега, да внесуваат верба и надеж, бидејќи народот најмногу верува во МПЦ-ОА, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. бт/сп/

Остани поврзан