• петок, 05 декември 2025

Мицкоски: Аргументите што јавноста ги гледа сведочат за работата на Коцевски

Мицкоски: Аргументите што јавноста ги гледа сведочат за работата на Коцевски

Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи ја изјавата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, според кого, причините за иницирање постапка за негово разрешување биле политички, рече дека аргументите што јавноста ги гледа сведочат за неговата работа.

- Ние не очекуваме од јавниот обвинител да каже, да виновен сум, не успеав во својата работа. Едноставно тоа е очекувано што тој го кажува. Така што, аргументите, еве јавноста ги гледа, јавноста сведочи за неговата работа, за работата на Обвинителството, на судовите. Повторно ќе кажам, малкумина за жал, и тоа е тој којшто е заробеник во рамките на Обвинителството, рече Мицкоски.

Тој посоќи дека Коцевски имал можност и шанса, што за жал, не ја искористил.

Во врска со најавата на Коцевски за спојувањето на предметите за дивоградбите во Чаир, Мицкоски кажа дека органите треба да си ја вршат својата работа.

- Органите треба да си ги вршат своите работи, ако така одлучило Обвинителството тоа е нивна работа, немам што да коментирам. Доколку постои основа за било какви кривични дела, нема тука дилема, рече Мицкоски на прес-конференција за доделување решенија за самовработување како дел од Оперативниот план за вработување.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски изјави рече дека предметите поврзани со спорните легализации во Општина Чаир се водат во Основното јавно обвинителство – Скопје и ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) и најверојатно ќе бидат споени поради што меѓусебно се поврзани. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 тој појасни дека едниот предмет е отворен по допрен глас, додека пак, другиот по пријава на поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска. Обвинителството располага со доволно докази, рече Коцевски нагласувајќи дека дополнително ќе се утврди кое обвинителство ќе биде надлежно по спојувањето на предметите. нд/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан