• вторник, 05 ноември 2024

Мицковски: Заедно со народот ќе ја обновиме државата

Мицковски: Заедно со народот ќе ја обновиме државата
Крива Паланка, 11 јули 2020 (МИА) - Заврши времето на политичари елитисти, на скапи автомобили и фотелји, доаѓа времето на политичари кои ќе ги засукаат ракавите и заедно со народот ќе си ја обноват државата. Обновата е на 360 страници и тоа е читанка со која доаѓаме пред граѓаните, со повеќе од 1.000 проекти и над 1.000 решенија на проблемите, кои ќе почнеме да ги решаваме по 15 јули, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски на вечерашната трибина на коалицијата „За обнова на Македонија“ во Крива Паланка. Тој истакна дека обновата е 25 отсто повисоки плати, 20 отсто повисоки пензии и враќање на старото законско решение за два пати годишно зголемување на пензиите. - Обновата е најнизок данок во Европа од осум проценти и нула отсто данок на личен доход за вработување лица помлади од 29 години, еден универзитет во еден мандат, реформи во здравството, образованието, правосудството. Обновата се 160.000.000 евра субвенции за земјоделците и 50 отсто субвенции за фасади со проектот како до топол дом, но и бесплатен приклучок за гас, рече Мицковски. Тој рече дека матрицата на СДСМ ја карактеризираат четири чекори. - Првиот чекор е секогаш предизборна лага, претпоставувам и сега го правеа тоа пред вас, вториот чекор, ако по некоја случајност успеат да направат влада, а не победиле 18 години, но ако и по некоја случајност да направат влада следи национално понижување и срам, третиот чекор, грабеж и криминал, и на крај четвртиот, заробено обвинителство и судство, обвинителство за пресметка со политичкиот противник, а судството за да донесе некоја трас-трас одлука за да се амнестираат, нагласи Мицковски. Според него, ако имаат можност да направат влада, на маса ќе биде Македонија и додаде дека секој што ќе заокружи за листата на СДСМ, предводена од Љупчо Николовски гласа за разнебитување, за федерализација на Македонија. Пред кривопаланчани говореше и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 3, Игор Јанушев според кого правдата за сите злодела на СДСМ направени изминатите три години стигнува од 15 јули. -Правдата ќе ги стигне за сите злодела што ги направија. Велат дека можат, јас би рекол можеа и да покажаа дека можат да лажат, дека можат повеќе криминал, ќе го донесеа и Гугл и Фејсбук но мислам и тоа дека беше дело на некои пранкери. Затоа на 15 јули ќе ги пратиме во историјата сите погрешни политичари и сите погрешни политики, рече Јанушев. Јанушев на Кривопаланчани им ја претстави програмата „проект-обнова“ со која вети експресен пат Куманово-Ранковце-Крива Паланка-Деве Баир и рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се обврзуваат пругата Бељаковце –Крива Паланка да се изгарди во нареднито мандат, како и да се набават нови –современи возови со кои граѓаниет ќе патуваат по истата. Пред Кривопаланчани се обрати и кандидатот за пратеник од оваа општина од коалицијата „Обнова за Македонија“, Анри Андоновски.ид/см/

Остани поврзан