• понеделник, 23 декември 2024

Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од црвените линии за уставните измени

Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од црвените линии за уставните измени

25 ноември 2023 

ВМРО-ДПМНЕ јасно ги исцрта црвените линии за уставните измени и од тоа нема отстапување, вели пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во интервју за МКД.мк. Мицевски ниту потврдува ниту демантира дека околу 15-тина пратеници од неговата партија се врбуваат или се под притисок од поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и од власта за да гласаат за уставните измени. За него, разговорите на оваа тема се дегутантни. Прашан дали мора да има Етички кодекс за однесување на пратениците, тој вели дека со оглед на состојбите во Собранието, очигледно дека кодексот е нужен. Во интервјуто за МКД.мк, Мицевски уште зборува за односите со Бугарија, за нефукционалните институции но и за неговата детска љубов, одбојката.

Г-дине Мицевски она што е најактуелно во Собранието е новиот Деловник за работа на пратениците што неодамна го изгласавте, а во рамките на процесот Жан Моне. Кога се споменува процесот Жан Моне тоа веројатно на мнозинството граѓани не им значи ништо. Но овој процес е всушност основата за работата на пратениците и што е уште поважно процес кој ги утврдува сите права, обврски и однесувањето на пратениците во и надвор од Собранието. Конечно, после шест години преговори процесот заврши и новиот Деловник е усвоен. Што предвидуваат новите правила за работа на пратениците?

- Она што е важно е што добиваме повеќе пратенички прашања, односно писмените пратенички прашања ќе се поставуваат на новата веб страница на Собранието. Останува старото решение за пратенички прашања, секој последен четврток во месецот, но дополнително добиваме секој месец по два часа пратенички прашања за опозицијата каде ќе може очи в очи на министрите директно да им поставуваме прашања и да добиваме конкретни одговори во скратено време. Значи , да не се губи времето за политиканството туку да се искористи за конкретни прашања и конкретни одговори. Сега ќе има поголема контрола на Владата, со надзорните расправи, како една од основните алатки на Собранието. За жал, до сега, власта тоа некако вешто го избегнуваше и никако не можевме да дојдеме во ситуација да направиме контрола преку надзорните расправи. Со новиот деловник се  предвидува законите што ги предлага опозицијата, која и да биде в оследниот пратенички состав како и интерпелациите на позицијата да бидат ставени како први точки на дневен ред. Сега има апсурдна ситуација затоа што во Собранието стојат неразгледани интерпелации за министри кои што не се министри веќе 3 или 4 години. Имено, интерпелација се покренува за одредено прашање во одреден момент Ако не ја разгледате во моментот за кој што е покрената интерпелацијата, после година, две, три, таа нема цел.

Кога веќе зборувате за контрола на Владата, што мислите, зошто јавноста има перцепција дека пратениците се само гласачка машина, а не вистински контролор на Владата?

- Затоа што очигледно не доволно се пласира тоа што треба да излезе надвор од Собранието за тоа, што работат пратениците. Морам да потенцирам дека Собранието е единствена институција што е од мешан состав. Тука се наоѓаат сите политички чинители, сите политички партии, и не сите во одреден момент имаат заеднички интерес. Затоа многу често доаѓа до конфронтација при одредени процеси и разговори на одредени теми. Различно од Владата, каде што е заедничка коалиција, сѐ се врши во интерес на коалицијата, или различно од министерствата, каде херархиската поставеност му се дава на министерот. Затоа Парламентот се наоѓа во ситуација во која што се наоѓа. Да, можеби, може да има поголема критичка мисла, меѓутоа, партиите на власт, секогаш имаат интерес да има помалку видливост, односно гласност на Парламентот. Владејачкото мнозинство не дозволува артикулација на критичка мисла, а дополнително потоа тоа се регулира и со одредени провладини медиуми. Но во Собранието се кажуваат и паметни мисли, се случуваат и паметни процеси, меѓутоа видливоста на тоа е многу минимална. Како да се смени тоа? Новиот Закон за Собранието ни дава ново собраниско студио, ни дава нова можност. Ние веќе работиме со помош на Швајцарската амбасада и нашите пријатели од НДА и друга логистичка поддршка. 11 милиони швајцарски франци се влезени во Собранието. Се прави ново студио. Целта на тоа е, кога ќе проработи, а во завршна фаза е опремувањето на студиото и обезбедувањето на човечки потенцијал за работа во него, да има поголема видливост и програма која што ќе биде малку поразлична од сегашниот собраниски канал, тоа ќе биде модерна и на дневна основа ќе ги дава состојбите кои што се случуваат во Собранието. На дневна основа ќе може да се добиваат мислењата и на власта и на опозицијата. Време е да почнеме да работиме на подобрувањето на квалитетот на дебатите во Собранието, на неговата видливост и на подигањето и менувањето на јавното мислење за Собранието и работа во него.

Додека го договаравте новиот Деловник во 2020 година изјавивте дека меѓу другото најдовте решение и за злоупотребата на носењето на законите со европското знаменце. Шест години подоцна, европското знаменце не само што не решено, туку се е злоупотребува како никогаш повеќе и ВМРО-ДПМНЕ тоа силно го критикува. Пред три години сте изјавиле едно, сега зборувате нешто друго, односно за злоупотребата на начинот на кој се носат законите во Собранието. Што се смени во меѓувреме?

- Точно е тоа. Процесот Жан Моне е Уставот на Собранието за функционирање и работа на пратениците но и сите други во него. Но и од минатиот состав до овој пратенички состав, во овие 3 или 4 години и пратениците од власта, но морам да бидам критичен и оние од опозицијата бевме толку инвентивни во изнаоѓање начини за заобиколување на одредени одлуки и членови на Деловникот што го увидовме како недостаток на овој документ. Затоа новиот Деловник треба да ги намали можностите за негово заобиколување, ајде да не речам злоупотреба и од власта, но и ние како опозиција која мораше соодветно да реагираме за да воспоставиме некаква контрола на процесите кои што владејачкото мнозинство ги правеше и тоа токму во делот на злоупотреба на европското знаменце, скратените постапки, игнорирање на интерпелациите од опозицијата.

Меѓу другото новиот Деловник налага и поинаков начин на однесување на пратениците предвиден со Етичкиот кодекс? Г-дине Мицевски зарем е потребен било каков деловник за да се однесуваат пратениците етички или да се свесни дека не треба да се злоупотребува ништо?

- Па очигледно дека е потребен. Очигледно дека е потребен, затоа што во зависност од моменталните политички политички состојби и од моменталните потреби на политичките партии се менуваат и приоритетите и принципите на владејачкото множество. Ние сме сведоци за многу работи за кои што велат дека не се добри што ги прави опозицијата, меѓутоа кога тоа кога ќе го направи власта, тоа е прифатливо и може да помине. Се надевам дека овој нов Деловник ќе успее да промени одредени работи.

Уште едно важно прашање од процесот Жан Моне е дискусијата на пратениците. Сите сме сведоци на ефектите од таа неограничена дискусија. Меѓусебни кавги и меѓупартиска борба. Граѓаните едвај да можат да ве разберат за што всушност дебатирате. Но вие како опозиција, не се согласувате да се регулира неограничената дискусија. Зошто сметате дека неограниченото зборување во Собранието е добра работа?

- Затоа, сега гледаме да ги решиме тие работи, односно да ги унифисираме и да ги поедноставиме. Со новиот Деловник сметам дека се приближуваме и во таа насока. Затоа што, навистина, е потребно да има предвидливост на почнувањето и на завршувањето на пленарните седници, а артикулација на ставовите на политичките партии и на пратениците поединечно, има доволно.

Сѐ уште е актуелно и прашањето се уставните измени. Велите, уставните измени се завршено прашање за ВМРО-ДПМНЕ, но вие не сте против измените. Напротив, велите  „да“ за европска Македонија, ама не под бугарски диктат. Тогаш како вие ќе го придвижите процесот на приближување на Македонија кон ЕУ?

- Ние сме спремни да продолжиме со разговори за Европскиот пат на Македонија, но само и само ако нема диктат од другата страна, односно ако Бугарија е подготвена на одредени чекори кои што следуваат. Рековме дека за сите оние потези кои што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги влече во наредниот период, јавноста ќе биде информирана. Ќе излеземе со конкретни прашања и решенија пред граѓаните од кои ќе ја бараме поддршка. Имаме отворени прашања, меѓутоа за да продолжи дијалогот, кој што според мене е двонасочна улица, ќе треба и Бугарија да направи одредени отстапки. Тоа се 14-те пресуди кои што ги има во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за кои што во моментов нема никаква реакција од Бугарија. Во процедура има уште други 17 процеси кои што исто така најверојатно ќе завршат во корист на Македонците од Бугарија, а до сега немаме реципроцитетна реакција од нивна страна. Исто така Македонија треба да добие јасни гаранции за својот национален идентитет, меѓутоа и дека во наредниот период, односно на следните станици од преговори на Македонија, нема да има одредено вето од страна на Бугарија или промена на условите, односно барањата. Затоа што гледаме дека оно што стига до нас е дека Албанија е во понапредна фаза од Македонија, меѓутоа гледаме дека Грција се спрема за одредено вето по однос на други прашања. Затоа е многу битно да не се доведеме во ситуација, да почнеме процес во кој што не го знаеме патот по кој што ќе треба да се движиме, а дополнително да добиваме нови опструкции на тој пат.

Но Вие добро знаете дека пресудите на Европскиот суд за човекови права не може туку да се извршат, затоа што по донесувањето на пресудата, таа оди во Комитетот на министри кој дава насоки што треба системски да смени државата за да не се повтори прекршување на некое човеково право. Тоа значи менување закони, други првни акти, па ако сакате дури и Устав, а бугарскиот не препознава малцинства? Зошто толку инсистирате на ова прашање?

- Вашето прашање е всушност одговорот на оно што го кажав. Значи, рековте дека Бугарија ќе треба да промени закони, па дури и Уставот. Што се менува во Македонија? Зарем ние не сме суверена држава во која што владеат правото и законот и на крај на денот, интересите на граѓаните. И тие се тие кои што кажуваат што ќе се случува во оваа држава. Не може една свита на владејачкото мнозинство да решава за интересите на сите граѓани. Затоа да излеземе пред граѓаните, ние со нашето прашање, тие со нивното прашање, а тие ќе кажат во која настока ќе се движи Македонија.

Дали како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ може да потврдите дека околу 15-тина пратеници од вашата пратеничка група се врбуваат или се под притисок од ваши поранешни функционери, но и од оние од власта за да гласаат за уставните измени?

- Продолжувањето на разговорите на оваа тема за мене е дегутантно затоа што цела пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ, вклучувајќи ја и коалицијата, го кажаа свој став на гласањето на отворањето на постапката на процесот за уставни измени. Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ е кохезивна. Тоа го зборувам година и пол наназад и година и пол одредени провладини медиуми пробуваат да спинуваат, односно да ја свртат темата за повторно да разговараме за ова. Еве, уште утре нека стават продолжение на седницата, односно гласање на потребата за уставни измени и да видат каде се наоѓа пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Не реагираме на основа на дневна политика, не реагираме на основа на дневни потреби на пратеничката група, туку имаме константен став изграден врз основа на барањето на граѓаните. Ние не добивме мандат да разговараме за оваа тема. Затоа ќе ги прашање граѓаните, па ќе влеземе во процес за кој што ќе добиваме зелено светло од нив.

Уште еднаш би Ве прашала, дали пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од овој пратенички состав имаат притисоци за да се премислат за уставните измени?

- Јас можам да кажам дека во моментот нема ниту еден пратеник кој е расположен и кој има намера да се гласа за уставни измени. Останувам на тоа што го кажав претходно дека црвените линии се исцртани со самото гласање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Рековте во моментот што не значи дека ќе биде така...

- Сега, дајте да не се држиме до зборови. Ќе видите каде ќе се движат овие работи. Тоа е моментот. Нека ја стават седницата утре на дневен ред, да видите, дали ќе бидат 44 пратеници или нема да бидат.

Факт е дека со измените на Кривичниот законик многумина ваши поранешни функционери, како што е поранешниот претседател Никола Груевски се спасија и ќе се спасуваат од одговорност. Дали е ова скриена коалиција со власта, да се спасат и вашите и нивните, а за возврат да се направат уставните измени?

- ВМРО-ДПМНЕ беше против носењето на измените на овој Кривичен законик. Ова се игри на владејачкото мнозинство кое бара начин или стратегија како да го намали поразот на следните избори. Дека има некој одреден договор тоа апсолутно го отфрлам затоа што измените на Кривичниот законик се направени еднострано. Ова ќе направи голема дисторзија во судскиот систем, меѓутоа тоа е само и само вина на власта , затоа што, сами влегоа во оваа постапка, затоа што знаат кое е нивото на доверба кај граѓаните во судството. Поради таа доверба сме дојдени до каде што сме дојдени поради нивното нефункционално работење и слични вакви постапки и процеси кои што се случуваа.

Сѐ поблиску сме до парламентарните и претседателските избори кои во еден момент ќе бидат споени, а тоа е 8 мај 2024 година. Дали ќе има преиспитување на вашата коалиција? Можеби ќе има предизборна или постизборна коалиција? Дали и како ќе соработувате со партиите на Албанците од опозицискиот блок?

- Да добиеме прво датум за избори, за да можеме врз основа на тој датум релевантно да ги планираме сите постапки што ќе се случуваат. Коалицијата „За обнова на Македонија“, опстојува и сите политички субјекти кои што се наоѓаат во истата остануваат на принципот за обновување на Македонија. И на принципите врз основа на кој што е направена таа коалиција. Јас очекувам врз основа на она што го имам како информации од неформални разговори со пратеници од владејачкото мнозинство, да почнат одредени разговори и за зголемување на коалицијата „За обнова на Македонија“. Но сето ова зависи од самите структури во партијата кои што ќе донесат релевантни одлуки по однос на она што ви требало да се случува. Во моментот, врз основа на поставените состојби во кои што се наоѓаме, сметам дека коалицијата е доволно цврста да продолжи заедно натаму зашто има изградено доверба во целокупните заеднички односи за да можеме да продолжиме заедно.

Претседателот на вашата партија Христијан Мицкоски побара поддршка од народот за да освоите 61 пратеник за да може, како што вели, да ја реформира Македонија? Г-дине Мицевски како мислите да ја реформирате Македонија?

- Во однос на уставните измени морам од старт да потенцирам дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, ни пред избори, ни по избори, и тоа е апсолвирано прашање за ВМРО-ДПМНЕ. под бугарски диктат нема да има. И ова е од една и единствена причина, затоа што ние уште од самиот почеток на процесот, рековме дека ова е процес кој што имаше лош почеток, односно пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше целосно елиминирана од информации. Ќе кажам уште еден факт, дека тие што го почнаа овој процес, на вака несериозен начин, треба да понесат одговорност за тоа што прифатија вакви услови од страна на Бугарија. Да влезеш во двотретински процес во Собранието, без обезбедени две третини поддршка од пратениците, а при тоа да ги лажеш партнерите од ЕУ и дрско да ја елиминираш опозицијата од било каква информација за овој процес, а при тоа ние нудевме и помош во одредена фаза на почеток со одредени работни групи, и на крај, да бараш поддршка од ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект, тоа е политичко дилетанство. Затоа што за да се направи еден таков процес, прво е потребно да се обезбеди поддршка, а потоа да се влезе во него. За жал, владејачкото множество во изминатиот период, врз основа на флоскулата дека приближувањето кон Европската Унија е решавање на проблемите, ги направија најголемите грабежи во историјата на Македонија. Тоа е единствено нешто кое што функционираше и на кое што беа фокусирани. Имено, цела време спинуваа, злоупотребуваа и дезинформираа дека се блиску до обезбедување на пратеници од опозицијата, дека разговараат со некое си таканаречено проевровско крило од ВМРО-ДПМНЕ. Еве година и пол помина, се гледа дека од тоа нема ништо и дека веќе тоа е затворено прашање“.

Веројатно нема човек што не ве познава како политичар и пратеник, ама веројатно малкумина знаат дека вие сте поранешен одбојкар и актуелен интернационален судија. Оттука Вие сте најдобар пример кој што може да направи споредба како е можно во спортот да има борба, ама и ферплеј во исто време, а во политиката тоа никако не може да го постигнете. Зошто?

- Затоа што чинителите очигледно се различни и интересите во политиката се сосема различни, а и начинот на доаѓање до победа се сосема различни во спортот и во политиката. Да, многу малку луѓе знаат за моја приватен живот. Јас сум меѓународен одбојкарски судија, веќе 22 години, а 30 години сум национален судија. Претходно се занимавав со одбојка во мојот град Штип, од каде што доаѓам. Долгите години бев и во најдобрата европска листа на судии, односно учествував во Лигата на шампиони. Судев едно светско и едно европско првенство во помали категории, така што тоа е дел од мојот приватен живот во кој што успевам, врз основа на моите можности, да најдам време да присуствувам на натпревари, да погледнам, меѓутоа и да одсудам одредени натпревари.

Дали во следниот мандат ќе пробате да примените нешто од спортот во политиката?

Јас и во овој мандат мислам дека применувам, иако велат дека фалбата е 'рѓа, меѓутоа можете да поразговарате со колегите, дека навистина гледам во најголем дел од ситуациите да се водам според одредени коректни принципи.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Интервју на пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски за „МКД.мк“

_______________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан