• понеделник, 25 ноември 2024

Михајловски: Понудив банкарска гаранција, но ЕХФ на состанок, за помалку од пет минути одлучи да нè исфрли од ЛШ

Михајловски: Понудив банкарска гаранција, но ЕХФ на состанок, за помалку од пет минути одлучи да нè исфрли од ЛШ
Скопје, 27 јуни 2022 (МИА) – Генералниот менаџер на ракометниот првак Вардар, Михајло Михајловски, на денешната прес-конференција детално објасни за одлуката на ЕХФ да ги исклучи „црвено-црните“ од Лигата на шампионите. Тој е изненаден од леснотијата со која се суспендира двократниот европски шампион, и покрај речиси во целост исплатените долгови од претходните две години. - Ги имам сите преписки со ЕХФ. Мислам дека „западњаците“ се многу крути и одлуката што ја донесоа е без правна основа. На состанокот на ЕХФ во само неколку минути донеле одлука да го исфрлат Вардар. Претседателот на ЕХФ кажал „Ние со Вардар се мачиме 2-3 години, не ги измириле обврските, мора да заведеме ред“ и ја донеле одлуката. Јас им посочив дека во време на пандемија и војна ние ги сервисиравме долговите. Точно е дека првичниот рок не го запазивме, но со мало задоцнување сè беше подмирено. Чудно е тоа што во ниеден момент не ни напишаа „Ако не платите до тогаш, нема да играте“. Јас уште во првата година им потпишав дека ги преземаме долговите од „стариот„ Вардар. Кога мислевме дека ги исплативме 2,6 милиони евра, се појавија некои долгови кон двајца поранешни играчи. Но, за такво нешто немаме никакви сознанија, ниту има одлука на арбитража, посочи Михајловски. Првиот човек на РК Вардар 1961 не планира да ја тужи ЕХФ, без оглед што смета дека клубот неправилно е исфрлен од Лигата на шампионите. Михајловски е разочаран и од неисполнетите ветувања од како што рече „највисоки владини и градски институции“. - Се нафатив да го спасуваме Вардар во момент кога играчите и администрацијата беа без договори. Целта беше трофеи во домашното првенство и куп и пласман во осминафинале во ЛШ и финале во СЕХА. Добив ветувања од видни личности, знам дека економската ситуација во државата е многу тешка, но да знаев дека помошта ќе биде нула, немаше да се вратам во клубот, рече Михајловски. Европската ракометна федерација (ЕХФ) на 17 јуни одлучи да го суспендира Вардар од Лигата на шампионите поради финансиски долгови кон поранешни играчи. зс/

Остани поврзан