• четврток, 21 ноември 2024

Михајловски освои бронза на Европското кикбокс првенство во Атина, откако не успеа да се пласира во финалето

Михајловски освои бронза на Европското кикбокс првенство во Атина, откако не успеа да се пласира во финалето

Атина, 6 ноември 2024 (МИА) – Македонскиот кикбоксер Стефан Михајловски со бронзен медал го завршува Европското сениорско првенство во Атина, откако не успеа да се пласира во финалето по поразот од украинскиот репрезентативец Серхи Бабенко во денешниот полуфинален меч, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Олимписката сала каде што од неделата се одржува првенството, Михајловски имаше огромна поддршка од неговите колеги од македонската репрезентација и иако храбро и добро се бореше, сепак не успеа да го совлада противникот и во категоријата кик лајт над 94 килограми загуби минимално со 2-1.

Нашата земја има уште еден репрезентативец во полуфиналните натпревари, европскиот шампион Бобан Илиоски утре ќе се бори со Христос Филис од Грција за влез во финалето и одбрана на титулата.

Во нашата репрезентација преовладува оптимизам дека Илиоски, кој настапува во категоријата лоу кик до 86 килограми, може повторно да освои златен медал, а со самиот пласман во полуфиналето веќе има обезбедено најмалку бронза.

Мите Ашкилов вчера не успеа да се пласира во полуфиналето, откако поради повреда докторот не му дозволи да го продолжи натпреварот во втората рунда.

Во женска конкуренција, Леа Бошевска загуби од Нил Бејза Гохан од Лихтенштајн, а Андреа Костовска загуби од Меган Охаре од Велика Британија.

Македонската репрезентација со петмина кикбоксери во машка и женска конкуренција ја предводи претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата Дејан Митровски, а во составот се Бобан Илиоски, Стефан Михајловски, Митко Ашкилов, Леа Бошевска и Андреа Костовска, тренерот Драган Атанасовски, како и Ирена Митровска секретарка во Федерацијата.

На Европското кикбокс првенство во Атина што трае до 10 ноември учествуваат 982 натпреварувачи со 1.133 натпреварувачи влеза од 41 држава. ср/

Фото: МИА

Остани поврзан