• сабота, 23 ноември 2024

Михајловиќ: Отворен Балкан е можност трите држави да бидат енергетски побезбедни

Михајловиќ: Отворен Балкан е можност трите држави да бидат енергетски побезбедни
Белград, 1 септември 2022 (МИА) - Иницијативата „Отворен Балкан“ претставува можност Србија, Албанија и Северна Македонија заедно да реализираат проекти во областа на енергетиката, пред се во делот на нови капацитети и за зајакнување на енергетската безбедност, изјави српската вицепремиерка и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ. -Иницијативата „Отворен Балкан“ е одлична можност и за поврзување и соработка за поголем проток на луѓе, стока и капитал, како и за заеднички проекти, рече Михајловиќ денеска во Белград каде се одржува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ организиран во рамки на Иницијативата „Отворен Балкан“. Нагласи дека денеска во Белград доаѓаат премиерите на Албанија и на Северна Македонија и дека ќе бидат потпишани неколку спогодби. -Имаме и заедничка енергетска кризна група за која неодамна говоревме во Тирана. Со Северна Македонија имаме неколку проекти кои планираме да ги реализираме. Еден е гасоводот со капацитет од 1,4 милијарди кубни метри гас што ќе чини околу 20 милиони евра. Исто така, разговараме и за можностите да градиме заедничка соларна електрана, рече Михајловиќ. Кога е во прашање Албанија и изградбата на нов ЛНГ терминал, додаде, разговараме за можностите Србија да биде дел од тој проект. -Тој терминал би требало да биде оперативен за две години. Ќе има капацитет од пет милијарди кубни метри гас и би било многу значајно да имаме можност за снабдување. Она што е важно за трите држави, за што исто така разговаравме, е и заедничкото балансирање на електричната енергија со оглед на фактот што сите имаме капацитети кои користат обновливи извори на енергија и во план е нивно зголемување, потенцира Михајловиќ. вј/об/  

Остани поврзан