• недела, 22 декември 2024

Митрополитот г. Лукијан Будимски го посети Бигорски манастир

Митрополитот г. Лукијан Будимски го посети Бигорски манастир

Дебар, 16 октомври 2024 (МИА) - Во посета на Свештената бигорска Обител престојуваше митрополитот г. Лукијан Будимски и администратор Темишварски, придружуван од  митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован. Со оглед на тоа што митрополитот г. Лукијан првпат доаѓа во манастирот, нему му беше приреден официјален манастирски пречек – иподохи.

Како што информираа од Бигорски манастир, гостите беа срдечно пречекани од старецот на Обителта, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, кој им посака топло добредојде на двајцата архиереи, искажувајќи ја својата радост и почест.

-За нас претставува особена чест што, заедно со нашиот многу почитуван и возљубен брат, Високопреосвештениот г. Јован, допатувавте во нашата Свештена Обител, за да се поклоните на оваа голема и древна Светиња, но и да го испросите за нас Божјиот благослов. Оти, секогаш кога во еден манастир доаѓа епископ, за манастирот тоа значи слава, голем благослов, посета од Самиот Христос. Затоа ви посакуваме топло добредојде и ве замолуваме да се чувствувате како дома, посака владиката Партениј.

Митрополитот Лукијан најпрвин му се заблагодари на митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј за неговиот благослов и на митрополитот Јован за неговата добрина и љубов да го запознае со најпознатиот македонски манастир, изразувајќи го својот восхит од посетата на Бигорскиот манастир.

-Ви благодарам за поздравот и за Вашите љубезни зборови, брате архиереју Партениј. Многу години посакував да ја видам оваа светиња, која е надалеку, надалеку прочуена. Многу луѓе ми говореа „Одете да видите како изгледа Свети Јован Бигорски. Многу е убаво, многу е добро“. Но навистина, не можев да очекувам дека е толку убава и голема и важна оваа Светиња, со голема слава, рекол  меѓу другото г. Лукијан.

Тој го благословил монашкото братство на Бигорскиот манастир, велејќи дека „силата на православието е во единството на црквата“.

Имавме прилика, додал, да го видиме и манастирот Рајчица, за кого секогаш читаме и следиме по социјалните мрежи и „навистина ни е драго што, еве, уште една Светиња е обновена овде, во Македонија“.

За посетата објавија и српските медиуми кои меѓу другото наведуваат дека „Владиката Партениј, кој може да се нарече и нов ктитор на Бигорскиот манастир и воскресител на монашката заедница, митрополитот Лукијан го запозна со историјата на ова познато свето семејство, но и со актуелните услови на живот и мисионерско дело“. вт/мд/

 

Фото: Бигорки манастир

Остани поврзан