• понеделник, 23 декември 2024

Митреска: Неопходно е внимателно дизајнирање на домашните политики при се уште присутни ризици за инфлација

Митреска: Неопходно е внимателно дизајнирање на домашните политики при се уште присутни ризици за инфлација

Скопје, 1 март 2023 (МИА) - Амбиентот е исклучително променлив и од геополитички и од економски аспект и бара на дневна основа агилност и внимателно следење. Во вакви околности бара и многу внимателно дизајнирање на домашните политики особено при се уште присутни ризици за инфлација, оцени вицегувернерката Ана Митреска на панелот „Стратегии за одржување на економскиот раст во време на неизвесност“ во рамки на Економскиот форум Скопје.

-Клучот е стивнување на турбуленциите на глобален план, но и поддршка на Централната банка и преку веќе започнатата паметна фискална консолидација, таргетирани мерки за поранливи слоеви, повнимателна политика на плати и структурни реформи, порача Митреска.

За платите истакна дека минатата година имаат раст од околу 11 проценти, но реално, како што кажа, сепак се намалуваат.

-Тоа значи дека нема нивно прекумерно прилагодување што е добро во вакви околности, но во секој случај треба да бидеме внимателни на повеќе фронтови при ваква неизвесност, рече Митреска.   

Изминатите три години, потенцира, се години на хроничен стрес. Со почетокот на пандемијата, додаде, моравме сите да реагираме исклучително брзо и многу остро за да ја поддржиме економијата која беше во фаза на хибернација со меки кои се добро познати, но и со мерки кои се надвор од конвенционалниот инструментариум и не ги познава модерната историја. Во тој период ги релаксиравме финансиските услови и само што почнавме да излегуваме од пандемиската криза се појавија геополитичките проблеми.

-Во изминатите три години сфативме дека без стабилност една економија ниту може да закрепнува ниту да го зголемува потенцијалот за реформи. Во периодот што следи фокусот на Централната банка останува на стабилноста. Сите чекори кои ги преземаме се во насока да има стабилни цени и стабилен курс, а стабилноста на курсот се покажа како клучна во изминатите три години и за да ја поддржи меѓународната трговија и да ги стабилизира очекувањата и довербата на луѓето, но и да го одржува финансискиот систем стабилен, предочи Митреска.

За таа цел, потенцира, интензивно интервениравме на девизниот пазар во акутната фаза на пандемијата и минатата година кога започна енергетската криза.

-Но од крајот на минатата година имаме многу постабилни движења. Оваа година ја почнуваме со резерви кои се повисоки во однос на минатата година, меѓутоа и во однос на нашите очекувања. Тоа значи дека имаме комфорно ниво на резерви за да  ја одржиме стабилноста на валутата, рече Митреска.

Како Централна банка, додаде, очекуваме овие стабилни текови да продолжат.

-Веќе има постепено и значајно попуштање на притисоците од глобалните ценовни шокови. Цените на гасот, електричната енергија и на нафтата веќе се пониски за 80-тина проценти од максимумот што го имаа во текот на летото, а цените на храната се намалени  за 20-тина проценти. Тоа го намалува притисокот врз домашната инфлација, девизниот пазар и девизните резерви, прецизира Митреска.

Оцени дека минатата година енергетската криза беше еден од главните извори на притисоци  врз девизниот пазар.

-Во период од две години енергетскиот трговски дефицит се зголеми кумулативно за 8 процентни поени од БДП што е навистина голем притисок, но постепено спласнува. Странските директни инвестиции во текот на минатата година достигнаа близу 700 милиони евра и се доста квалитетни со диверзифицирана структура што  помага да имаме постабилна надворешна позиција, стабилен пазар и стабилни резерви, нагласи Митреска. вј/лв/

Остани поврзан