• понеделник, 23 декември 2024

Мисајловски: Посветени сме на зајакнување на армиските капацитети

Мисајловски: Посветени сме на зајакнување на армиските капацитети

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска на научно – стручната трибина во Домот на Армијата посветена на функционалноста на одбранбено – заштитниот систем ги потврди трите главни цели за одбраната – интензивирање на реформската агенда, вклучувајќи ја и модернизацијата на Армијата, целосно почитување на обврските на Министерството кон вработените и припадниците на Армијата и стабилното буџетирање на одбраната како основа за развој, информираат од МО. 

- Процесот на модернизација тече согласно сите планови. Реализираме навистина значајни проекти со кои новата, модерна, софистицирана опрема согласно највисоките стандарди на НАТО станува и наша реалност, рекол Мисајловски.

Тој ги споменал проектите за модернизација како набавката на лесните оклопни возила JLTV и Stryker, системот за противвоздушна одбрана Mistral 3, артилериската опрема, одржувањето на постојната хеликоптерска флота и набавката на нови хеликоптери за Армијата.

Министерот се осврнал и на вработените во Армијата и одбраната за кои рекол дека се професионалци кои ги водат најсериозните процеси во државата, а истовремено тие се и првите кои излегуваат на терен во поддршка на секој македонски граѓанин.

Сето тоа е реалност, рекол Мисајловски, затоа што буџетот е стабилен и е во нагорна линија. Најавил дека и во 2025 година одбранбениот буџет ќе расте, односно ќе изнесува над два процента од Бруто-домашниот производ. 

Во однос на реформата на системот за заштита и спасување, министерот Мисајловски порачал дека одбраната е подготвена да даде целосна поддршка во овие реформи.

- Граѓаните, од нас очекуваат ефикасен, брз, добро подготвен интегриран систем за заштита и спасување и управување со кризи. Впрочем, огнените стихии со кои се соочивме изминатото лето беа доволен доказ дека нешто мораме да менуваме, и тоа сега, и веднаш. Да ги детектираме слабостите на системот и заеднички да покажеме дека знаеме да ги ставиме потребите на секој еден граѓанин на прво место, потенцирал министерот.

Научно-стручната трибина е организирана од Клубот на генерали во кој членуваат 35 активни и пензионирани генерали со искуство стекнато преку повеќе децениска работа во одбранбениот систем. Говорници на трибината биле и еминентни професори и експерти во безбедносната сфера. сст/бак/

Фото: Министерство за одбрана 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан