• недела, 22 декември 2024

Минчев: Министерството за јавна администрација в понеделник со конкрени насоки за сите огласи, конкурси, унапредувања по укинувањето на „Балансерот“

Минчев: Министерството за јавна администрација в понеделник со конкрени насоки за сите огласи, конкурси, унапредувања по укинувањето на „Балансерот“

Скопје, 19 октомври 2024 (МИА) – Министерот за јавна администрација, Горан Минчев изјави дека во однос на Законот за правична застапеност владината коалиција има капацитет да отвори политички дијалог со кој ќе се најде соодветно решение и ќе го гарантира уставното право, а тоа е правична застапеност на етничките заедници.

Тој капацитет постои, нагласи Минчев и изрази надеж дека до такво решение ќе дојде.

- Ова е осетлива тема и не треба да се брза. Сметам дека во рамки на овој процес што е пред нас, треба да се вклучат сите оние кои можат да помогнат да се додје до квалитетно, содржајно решение што ќе го реши проблемот засекогаш, рече министерот Минчев вечерва во дневникот на Сител Телевизија.

Прашан каква е постапката со вработувањата по укинувањето на „Балансерот“, министерот Минчев информира дека во моментот сите јавни огласи или годишните планови за вработување и унапреување се во прекин. 

Тој најави дека во рамки на Министерството за јавна администрација се подготвуваат соодветни насоки, и, како што рече, се надева дека веќе во понеделник ќе излезат со конкретни насоки.

- Инструкциите кои ќе ги дадеме во понеделник ќе се однесуваат на сите огласи, дури и на оние што биле во рамки на започнати пред времената мерка на Уставниот суд односно со Балансерот и секако оние институции што не ги засега Балансерот, а имаат веќе започнато јавни огласи или конкусри, рече Минчев.

Потенцира дека насоките ќе бидат сите конкурси да се завршат, а според неговите информации, тоа се некаде од 25 до 30 огласи што се со Балансерот да завршат и од одлуката на Уставниот суд, како што рече, ќе бидат по новата методологија.

За тоа каква е состојбата во јавната администрација, Минчев се осврна на бројките од крајот на 2016 година кога имало околу 1290 институции со околу 130 илјади вработени. Во 2023 година во декември како последен пресек имало околу 1370 институции и 129 илјади вработени во јавниот сектор.

Според него, не е најбитно прашањето колкав е бројот на јавната администрација, туку со каков квалитет, со какви услуги кон граѓаните и со какво знаење и умешност јавната администрација ќе се користи да ги даде потребните услуги на граѓаните. 

- Ваквиот состав на јавната администрација, според мене, недоволно обучен, недоволно едуциран, недоволно квалитетен, е производ на 30 годишното партиско вработување и на непотизмот, изјави меѓу другото министерот Минчев, додавајќи дека клучот да нема партиски вработувања се политичките партиии кои се на власт.

Тој упати порака дека оваа Влада има силна мотивација овој процес на реформи во јавната администрација да го постави на топ приоритетите на својата агенда и самото формирање на Министерството за јавна администрација докажува дека Владата е во силен налет, како што рече, да го реформира јавниот сектор.  

Еден од трите закони што се на јавна дебата за ова прашање, појасни Минчев, е формирање нова Академија за обука и едукација на јавната администрација. 

На новинарско прашање каков е ставот на партијата „ЗНАМ – за наша Македонија“, Минчев дециден дека партискиот став е дека може да постои само една Академија, а тоа е Македонската академија на науките. 

-  Ако ме прашувате мене зошто се прави оваа т.н. Албанска академија на науки, прво тоа е незаконски, за мене е невладино здружение, невладина организација. Сметам дека треба наместо да се трошат парите за такви граѓански здруженија, попродуктивно би било нашите коалициони партнери, онаму каде имаат градоначалници од своите редови, парите да ги трошат на инфраструктура, потенцира Минчев.

Во однос на идејата за спојување на Агенцијата за разузнавање, што е под надлежност на Претседателот на државата и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ставот на министерот Минчев, како што рече, е секогаш за формирање една агенција, но, подвлече, мора да се има предвид и делот од разузнавање што е во рамки на Министерството за одбрана, а тоа е военото разузнавање. Според него, ова е сериозно прашање и мора да биде во корелација и во соработка со нашите стратешки партнери, пред се САД и ЕУ. цр/

Фото: принтскрин

Остани поврзан