• понеделник, 23 декември 2024

Министрите за енергија на ЕУ на 15 октомври ќе расправаат за проблемот со скапата струја во ЈИЕ 

Министрите за енергија на ЕУ на 15 октомври ќе расправаат за проблемот со скапата струја во ЈИЕ 

Брисел, 3 октомври 2024 (МИА) - Барањето на Бугарија, Грција и Романија за интервенција на Европската комисија во врска со стандардно повисоките цени на струјата на енергетскиот пазар во Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа, ќе се најде на дневен ред на заседанието на министерскиот Совет за транспорт, телекомуникации и енергија на ЕУ, предвидено за 15 октомври во Луксембург. 

Романскиот министер за енергетика Себастијан Бурдуја изјави дека барањето има за цел да се воспостави функционален енергетски пазар, посочувајќи дека Букурешт, Атина и Софија ги почитуваат европските правила поврзани со целите за декарбонизација и зелената транзиција, па затоа бараат и „еднакви права во пристапот до енергија по конкурентни цени, споредливи со оние што го плаќаат другите земји во ЕУ. 

Според него, два клучни фактори што резултираат со повисоки цени на струјата во регионот се недоволниот број енергетски интерконекции во Централна Европа, пред се во Австрија и Словачка, што претставува пречка за протокот на поевтина струја од Западот, но и зголемената побарувачка на електрична енергија од страна на Молдавија и Украина, што резултира со раст на цените. 

- На среден и долг рок, најдобро решение е да се прошири капацитетот на интерконекциите. Нашата цел е да извршиме фер и конструктивен притисок врз Австрија, Словачка, а можеби и врз други земји од Енергетската унија, за подобрување на нивното меѓусебно поврзување. Понекогаш е можно енергијата од Истокот да биде поевтина од онаа на Западот, но таа не може да тече во спротивна насока, изјави Бурдуја. 

Во писмото што Бугарија, Грција и Романија минатиот месец го упатија до Европската комисија во врска со проблемот со повисоките цени на струјата, меѓу другото, се предлага воведување на повисоки даноци за производителите на електрична енергија што имаат најниски трошоци на производство, како и за трговците со енергија.  

Според нив, на овој начин би се решило прашањето со „неочекуваните профити што ги остваруваат производителите поради сегашните ценовни услови, а кои не ги одразуваат реалните трошоци на производство“ на струјата. 

- Приходот од овие даноци би можел да се прераспредели за намалување на товарот на потрошувачите и да се помогне за стабилизација на енергетскиот пазар на краток рок, се наведува во писмото на трите земји упатено до еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан