• петок, 05 декември 2025

Министерството за јавна администрација и ФИНКИ потпишаа Меморандум за соработка

Министерството за јавна администрација и ФИНКИ потпишаа Меморандум за соработка

Скопје, 10 јули 2025 (МИА) - Министерството за јавна администрација и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува стратешко партнерство насочено кон модернизација на јавната администрација преку научна и академска поддршка.
 
Овој меморандум, како што се наведува во соопштението од Министерството за јавна администрација, претставува основа за зајакнување на соработката помеѓу јавниот сектор и академската заедница, со фокус на размена на знаења, искуства и заеднички развој на иновативни дигитални решенија. 

-Целта е преку ангажирање на студенти, експертска поддршка, научноистражувачка дејност и заеднички проекти, да се унапредат административните процеси и да се изгради поефикасна, транспарентна и современа јавна администрација. Соработката предвидува организирање на обуки, работилници и практична настава, развој на апликации и прототипи, како и имплементација на заеднички истражувачки проекти. Посебен акцент ќе се стави и на иницијативи како што се Хакатони, Иновациска лабораторија на јавниот сектор и аплицирање на меѓународни програми, појаснуваат од Министерството. 
 
Оваа иницијатива ја потврдува заложбата на Министерството за јавна администрација за градење на современа и компетентна администрација преку стратешка соработка и вложување во знаење и експертиза. дма/

 

Фоот: Кабинет на министер за јавна администрација

Остани поврзан