Министерот Љутков од Берово: Владата обезбеди 90 милиони денари за реконструкција на руиниран објект
- Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска заедно со пратеникот Драган Ковачки и кандидатот за градоначалник и актуелен претседател на Советот на Општина Берово, Петар Ружински, престојуваше во посета на Берово.
Берово, 6 октомври 2025 (МИА) – Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска заедно со пратеникот Драган Ковачки и кандидатот за градоначалник и актуелен претседател на Советот на Општина Берово, Петар Ружински, престојуваше во посета на Берово.
Министерот го посети руинираниот објект (стара киносала) за кој Општината аплицираше на јавниот повик за капитални инвестиции.
Владата, преку Министерството за култура и туризам, обезбеди 90 милиони денари кои ќе бидат наменети за целосна реконструкција на овој простор, со цел негово ставање во функција на локалната заедница и развојот на регионот.
-Ова е доказ дека Владата поддржува проекти без разлика од која партија доаѓа градоначалникот. Ние не ги делиме на партии, туку апсолутно даваме рамномерен регионален развој и сите општини подеднакво ги поддржуваме во капиталните инвестиции, изјави министерот Љутков.
Тој додаде дека Берово претставува важен туристички потенцијал, но и општина која има сериозни можности за економски и културен развој.
-Верувам дека во иднина Берово ќе се развива сè повеќе и повеќе, а вложувањата од Владата и институциите ќе продолжат да се зголемуваат, нагласи министерот.
Љутков ја истакна и посветеноста на Владата за рамномерна распределба на средствата во сите региони во државата, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните и поттикнување на локалниот развој. вс/вј/
Фото: МИА