• понеделник, 25 ноември 2024

Министерот Чупи се сретна со италијанскиот заменик-директор за дијаспора Мартини

Министерот Чупи се сретна со италијанскиот заменик-директор за дијаспора Мартини
Дебар, 7 јуни 2022 (МИА) - Во рамките на работната посета на Италија, министерот за дијаспора Џемаил Чупи во Рим остварил средба со заменик-генералниот директор на Директоратoт за дијаспора и миграциски политики, Роберто Мартини. - На средбата ја истакнав важноста од активно вклучување во разни области од општественото живеење на нашата дијаспора во Италија, која според податоците се покажува бројка која не е за занемарување, а изнесува повеќе од 63 илјади. Имено, во тој контекст споменав овозможување на олеснето добивање работни визи за нашите граѓани, каде наидов на разбирање, стои во објавата на министерот Чупи на Фејсбук. Посочува дека дополнително ја истакнал потребата од идно потпишување билатерален договор за социјално осигурување со Република Италија како „резултат на новите околности и во духот на продлабочување на добрите односи помеѓу нашите две држави и за доброто на нашата дијаспора". - Моите предлози и сугестии беа добредојдени за подлабока соработка, со надеж за позитивни промени, се наведува во објавата. За време на средбата, Чупи бил придружуван од амбасадорот на Република Северна Македонија во Италија, Весел Мемеди. Министерот Чупи е дел од македонската владина делегација, која на 9 и 10 месецов ќе учествува на бизнис-форумот што ќе се одржи во Тревизо и Венеција. Оваа значајна манифестација ја организира македонско-италијанската асоцијација „Апи Нордест“, чиј претседател е бизнисменот Мунир Шемси, по потекло од Коџаџик, Општина Центар Жупа. Како што потврди Шемси за МИА, на бизнис-форумот македонска владина делегација ќе ја предводи вицепремиерот Фатмир Битиќи, а ќе учествуваат и градоначалници и бизнисмени од повеќе градови од Северна Македонија и Италија. вт/фф/

Остани поврзан