• сабота, 23 ноември 2024

Министерот Пенов во посета на ТППЕ-Битола

Министерот Пенов во посета на ТППЕ-Битола

Битола, 17 мај 2023 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во придружба на градоначалниците на Битола и на Прилеп,Тони Коњановски и Борче Јовчесски, денеска ја посети Територијалната против пожарна единица-ТППЕ-Битола каде беше реализирано примопредавање на опрема за противпожарните единици во Пелагониски плански регион.

Промотивниот настан се одржа во рамки на проектот „Прекугранично спречување и менаџирање со поплави и шумски пожари - SOLVE”, со кој е обезбедена заштитна опрема за вработените во противпожарните единици во Битола, Прилеп, Ресен, Крушево и Демир Хисар.

- Со оваа опрема се зголемува нивото на противпожарна заштита, а со овој проект ја заокружуваме регионалната политика на владата со која во сите региони го подигнавме нивото на противпожарна заштита. Тоа го направивме со средства од Владата, од ЕУ, со донации од Европа, швајцарската влада, САД, во Битола од француската програма и сега можеме на повисоко ниво да се справуваме со нескани последици. Опремата за пожарникари е современа, употреблива за урбани подрачја, но и за шумски пожари, истакна министерот Пенов.

Проектот го реализираше Центарот за развој на пелагонискиот плански регион во партнерство со УКЛО-Битола и две партнерски организации од Република Грција.

- Со овој проект ТТПЕ-Битола добива 32 комплети интервентна заштитна облека, чизми, шлемови...со што се овозможува заштита на пожарникарите при интервенции. Но освен овој проект, ние како  локална самоуправа сме насочени за создавање услови за работата на противпожарната единица со изградба на нов противпожарен дом во поранешната касарна во Битола за што е изработен основен проект, потврди градоначалникот Коњановски.

Јавна поддршка на реализираниот проект искажа и градоначалникот на Општина Прилеп Борче Јовчески, кој воедно е претседател на Советот на пелагонискиот плански регион. мт/цр

видео:МИА

Фото: МИА

Остани поврзан