• петок, 05 декември 2025

Министерот Лимани во работна посета на Брисел 

Министерот Лимани во работна посета на Брисел 

Брисел, 24 јуни 2025 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска престојува во работна посета на Брисел каде со еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт ќе потпишат договор за пристапување на земјава кон Програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (ЦЕРВ) на Европската Унија. 

Пристапувањето кон Програмата ЦЕРВ претставува значаен чекор во усогласувањето на земјата со стандардите на ЕУ и во нејзината интеграција во Унијата, бидејќи таа е поврзана со услови од Поглавјата 23 и 24 од преговорите за членство.  

Програмата е замислена како рамка за заштита и промовирање на правата и вредностите на ЕУ, утврдени со договорите на Европската Унија и Повелбата за основните права и треба да придонесе за одржување и понатамошен развој на отворени, демократски, еднакви и инклузивни општества засновани на владеењето на правото. Програмата е лансирана во 2021 година во рамки на Фондот за правда, права и вредности на ЕУ и трае до 2027 година. 

Програмата има за цел преку исплата на грантови да го поттикне демократското, граѓанското и социјалното учество на луѓето и да ја негува богатата разновидност на европските општества, врз основа на заедничките вредности, историја и сеќавања. 

Поддршката во рамките на ЦЕРВ е насочена кон промоција на вредностите на Унијата, рамноправноста, права и родова еднаквост и граѓанско учество и борба против насилството. 

Во делот на промоција на вредностите на Унијата преку ЦЕРВ се обезбедува финансиска поддршка за проекти на граѓанските организации активни на локално, регионално и транснационално ниво насочени кон зајакнување, заштита и промоција на вредностите на ЕУ, почитувањето на владеењето на правото и кон изградба демократски дијалог, транспарентност и добро управување. 

Според Член 2 од Договорот за ЕУ, Унијата е заснована врз вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата. Овие вредности се заеднички за земјите членки во општество во кое преовладуваат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу жените и мажите. 

Во делот на рамноправноста, права и родова еднаквост, преку ЦЕРВ се финансираат проекти на невладини организации насочени кон спречување и борба против нееднаквоста и дискриминација врз основа на пол, раса или етничко потекло, религија, попреченост, возраст или сексуална ориентација, како и кон промоција на правата на жените и родова еднаквост.  

Финансиска поддршка е можна и за проекти за борба против сите форми на дискриминација, расизам, ксенофобија и други форми на нетолеранција врз основа на родов идентитет, вклучително и хомофобија, како онлајн, така и офлајн, потоа заштита и промоција на правата на децата и на лицата со попреченост, справување со предизвиците поврзани со заштитата на личните податоци и поддршка на напорите за остварување правата на граѓаните. 

Кога станува збор за граѓанското учество преку ЦЕРВ се поддржуваат проекти за вклучување на граѓаните во демократскиот живот и подигнување на свеста за заедничката европска историја. Проектите во оваа област се однесуваат на истражување и едуцирање за настани во поновата европска историја, подигање свеста кај европските граѓани за нивната заедничка историја, култура, културно наследство и вредности и промоција на учеството и придонесот на граѓаните во демократскиот и граѓанскиот живот и на соработката на луѓето од различни земји, со цел да им се овозможи практично искуство за богатството и разновидноста на заедничкото наследство на Унијата како основа за заедничка иднина. 

Во однос на борбата против насилството, ЦЕРВ финансиски поддржува проекти поврзани со спречување на сите форми на родово базирано и семејно насилство и насилство врз децата, младите луѓе, припадниците на ЛГБТКИ заедницата и лицата со попреченост, поддршка и заштита на сите директни и индиректни жртви на насилството и промовирање на стандардите утврдени со Истанбулската конвенција. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан