• понеделник, 23 декември 2024

Министерката Царовска во посета на Бигорскиот манастир

Министерката Царовска во посета на Бигорскиот манастир
Дебар, 10 јули 2021 (МИА) - Министерката за образование и наука, Мила Царовска, беше во посета на свештената бигорска Обител, каде се сретна со епископот Антаниски г. Партениј и со претставници од Асоцијацијата на професори по етика во религии. - Во топлиот манастирски и пријателски амбиент министерката најпрвин се сретна со нашиот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, кој ја запозна со долгогодишната социјална мисија, која под негово духовно раководство ја водат нашите монашки Обители, како и со актуелните манастирски активности, што на минисерката Царовска и остави особен впечаток, информираше отец Кирил. Царовска ја посетила и манастирската библиотека и други простории од манастирскиот комплекс. Министерката Царовска остварила средба со претставници од Асоцијацијата на професори по етика во религии во состав на деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски – Скопје“, Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Анета Јовковска, проф. Ружа Стојковиќ и монахињата Ефимија Зајковска, со кои дискутираше околу опстојувањето на овој наставен предмет во основното образование, како и статусот на професорите кои веќе 11 години го предаваат овој предмет низ училиштата во нашата земја. Според него, со взаемна согласност и нескриена радост било утврдено дека овој предмет не само што ќе опстане во македонското образование, туку согласно реформите, учениците ќе имаат можност да го избираат во едно полугодие и тоа речиси во сите одделенија (IV – IX), а не како досега само во VI одделение. Професорите, пак, кои го предаваат овој предмет, ќе стекнат право на трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, под услови утврдени со новиот закон за наставници. -Изразуваме благодарност до министерката за образование и наука, Мила Царовска за покажаната добра волја и подготвеност за дијалог и соработка. Благодарност за посетата и на членовите од нејзиниот кабинет Санела Шкриељ, Маја Стојановска, Тамара Ќупевска и Душан Томшиќ,кои ја придржуваа, рече отец Кирил.вт/фф/

Остани поврзан