• петок, 18 октомври 2024

Министерката Хаџиу ги обвини УНМИК и ЕУЛЕКС дека тенденциозно ги третирале српските воени злосторства во Косово

Министерката Хаџиу ги обвини УНМИК и ЕУЛЕКС дека тенденциозно ги третирале српските воени злосторства во Косово

 Приштина, 17 октомври 2024 (МИА) – Косовската министерка за правда, Албулена Хаџиу ги критикува денеска Мисијата на Обединетите нации, УНМИК и Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, за несоодветно адресирање на воените злосторства, оценувајќи дека таквиот третман е тенденцијата за балансирање на злосторствата на Србија во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На меѓународната конференција организирана од Косовскиот центар за рехабилитација на преживеани од тортура (ЌКРМТ/QKRMT), Хаџиу изјави дека Косово од меѓународните мисии „не виде правда“.

„Мислам дека ниту УНМИК, ниту ЕЛУЕКС не ги адресираа соодветно воените злосторства и им недостасуваше волја. Дури сметам дека тоа беше и политичка тенденција да се направи баланс меѓу злосторствата извршени од Србија во Косово. Имам впечаток дека многубројните досиеја за воени злосторства намерно не се третираа како што треба... Не видовме правда од овие мисии“, рече Хаџиу.

Специјалниот обвинител, Илир Морина на денешниот втор ден од Конференцијата истакна дека Специјалното обвинителство се соочило со повеќе предизвици при справувањето со воените злосторства, вклучувајќи ја правната рамка и недостатокот на меѓународна соработка.

Тој рече дека до 2023 година, околу 80 случаи на сексуално насилство се регистрирани како воени злосторства.

„Од времето на УНМИК и ЕУЛЕКС и до 2023 година, Специјалното обвинителство има регистрирано над 77 случаи на сексуално насилство како воено злосторство, од кои има поднесено шест обвиненија, додека другите случаи се третираат. Во постапувањето со овие случаи, Специјалното обвинителство се соочи со многу предизвици, вклучително и предизвици поврзани со законската рамка. Друг предизвик кој продолжува да не следи е недостатокот на меѓународна соработка, особено со Србија“, рече Морина.

Дрита Хајдари, поранешната специјална обвинителка на Косово која прва поднесе обвинение за сексуално насилство, се сети на првата жртва на силување која тропнала на нејзината врата за да побара помош и правда.

„Со прифаќањето на сите случаи на крајот на 2018 година каде имаше над 900 случаи на воени злосторства и две илјади исчезнати лица, немаше ниту еден случај на сексуално насилство за време на војната. Јас како обвинител за воени злосторства не наследив никаков модел. Првиот случај во кој беше покренато обвинение започна кога жртвата дојде во мојата канцеларија. Таа им даде докази на УНМИК и ЕУЛЕКС и ништо не се случи. Ја испрашував жртвата во просториите на ЌКРМТ, дојдов на идеја дека на овој начин ќе го избегнам доаѓањето на жртвата во обвинителството. Овој модел создаден во конкретниот случај е применет и во други случаи“, рече Хајдари.

Фото: КосоваПрес

Остани поврзан