• понеделник, 23 декември 2024

Министерката Петровска во тетовската касарна положи венец по повод 80-годишнината од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски - Питу

Министерката Петровска во тетовската касарна положи венец по повод 80-годишнината од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски - Питу

Скопје, 27 февруари 2024 (МИА) - Во касарната во Тетово, министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со делегација од Генералштабот на Армијата, денеска положи венец со свежо цвеќе по повод одбележувањето на 80 години од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски - Питу, чие име го носи оваа армиска касарна.

-Народниот херој Кузман Јосифовски – Питу е еден од столбовите на партизанскиот отпор против окупаторот во текот на Втората светска војна. Неговата револуционерна активност започнува со подигање на револуционерната и националната свест на населението и организација на работата на првиот прилепски партизански одред кој го започнал нападот против окупаторот на 11 октомври 1941 година, до оформувањето на партизанските одреди во текот на 1942 и 1943 година. Неговата истрајност и упорност му го обезбедуваат прекарот според името на неговиот претходник од Илинденската борба, војводата Питу Гули, се вели во денешното соопштение о Министерството за одбрана. 

Во касарната во „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово по повод одбележувањето на 80-годишнината од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу се обрати командантот на 3. пешадиски баталјон, потполковник Томица Ристоски кој, зборувајќи за животот и делото на Кузман Јосифоски – Питу, истакна дека е херој кој го заслужил местото во современата македонска воена историја.

Со одбележувањето на патронатот секоја година, како што се додава во соопштението, Министерството и Армијата придонесуваат неговото име и дело да останат во сеќавањата на идните генерации и поколенија. сст/са/

Фото: МО

Остани поврзан