МИМ повикува на одговорно информирање за трагедијата во Кочани
- СООПШТЕНИЕ: Македонскиот институт за медиуми (МИМ) апелира на внимателност и одговорност при споделувањето и пренесувањето информации, како од страна на медиумите, така и од граѓаните кои активно комуницираат на дигиталните платформи.

Скопје, 18 март 2025
По трагичниот настан во Кочани, во јавниот простор и на социјалните мрежи циркулираат бројни информации, од кои многу се непроверени, неточни или извадени од контекст. Македонскиот институт за медиуми (МИМ) апелира на внимателност и одговорност при споделувањето и пренесувањето информации, како од страна на медиумите, така и од граѓаните кои активно комуницираат на дигиталните платформи.
Во вакви чувствителни ситуации, неопходно е граѓаните да имаат пристап до точни и проверени информации. Сѐ поголем е бројот на лица кои не се информираат преку професионални медиуми, туку преку лични мислења и непроверени извори на социјалните мрежи. Ваквата пракса може да доведе до паника, дезинформации и дополнителна штета за засегнатите семејства и заедницата. Поради тоа, секој поединец има лична одговорност да провери дали информацијата што ја споделува е точна и дали доаѓа од веродостоен извор.
Медиумите, од своја страна, имаат обврска да известуваат професионално, врз основа на факти и со почит кон жртвите и нивните семејства. Сензационалистичките вести, шпекулациите и непотврдените информации не само што ја поткопуваат довербата во медиумите, туку и дополнително ја вознемируваат јавноста. Особено е важна одговорноста на медиумите при известувањето за деца и малолетници, при што нивната приватност и достоинство мора да бидат заштитени.
Јавните институции и политичките субјекти имаат обврска да обезбедат навремени, точни и транспарентни информации. Недостигот на официјални информации создава простор за ширење дезинформации и шпекулации, што ја зголемува неизвесноста и недовербата кај граѓаните. Воедно, медиумите и администраторите на дигиталните платформи треба да внимаваат на содржината што се објавува во коментарите на нивните веб-страници и социјални мрежи. Говорот на омраза, повиците на насилство и манипулативните содржини мора да бидат отстранети, со цел да се одржува одговорна и конструктивна јавна комуникација.
МИМ останува посветен на промовирање на професионално и етичко новинарство и ги повикува сите, медиумите, институциите и граѓаните, да бидат внимателни, одговорни и со критички пристап во процесот на информирање.
_____________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки
Фото: Фејсбук-страница на МИМ