• понеделник, 23 декември 2024

Милошоски: Моите снимки нелегално се направени од УБК во 2011 година во времето на Мијалков

Милошоски: Моите снимки нелегално се направени од УБК во 2011 година во времето на Мијалков
Скопје, 6 март 2020 (МИА) - Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вечерва на својот фејсбук профил напиша дека петте прислушувани разговори што денеска беа објавени на Јутјуб, нелегално се направени од УБК во 2011 година, во времето на Мијалков. На Јутјуб денеска беа објавени разговори на кои се слуша гласот на Антонио Милошоски, како меѓудругото разговара со поранешниот претседател на Врховен суд, Јово Вангеловски, во врска со предметот со Здружението на возачи-Кичево, со кој се поврзан неговиот татко. -Почитувани новинари, вечерва беа објавени 5 од 6 мои снимки, нелегално направени од УБК во 2011 година, во времето на Мијалков. Дозволете да Ве известам дека го знам лицето кое нелегално ги поседува копиите од сите снимки од СЈО, лично ја координира селекцијата и ја нарачува нивната објава. Тоа е лицето З.З., оној кој лажно тврдеше дека ги предал сите снимки на СЈО и дека не поседува копии од истите. Господине З.З., со објавата на овие снимки докажавте дека без истите Вие не сте можеле да уценувате пратеници, да рекетирате стопанственици, да заплашувате сопственици на медиуми, и да бидете и обвинител, и премиер, и судија истовремено. Изгледа силно Ве здоболе објавата на двата материјали за вашите незаконитости, кои ми беа доставени од укажувач. И во право сте, допрва ќе ве боли. Како дојдовте, така ќе си одите! Укажувачите ќе стануваат се побројни и се посмели, а јас уште помотивиран и во служба на јавниот интерес. Ќе Ве отворам како пупка! Се слушаме наскоро, напиша вечерва Милошоски на Фејсбук. дма/сст/

Остани поврзан