• вторник, 24 декември 2024

Милевски: Обнова и нова опрема за болницата „Свети Еразмо“ во Охрид

Милевски: Обнова и нова опрема за болницата „Свети Еразмо“ во Охрид
Охрид, 31 јануари 2021 (МИА) – Со нова опрема и реновирање Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид ќе прерасне во современ центар за физикална терапија. Тоа го изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски при посетата на Охрид, потсетувајќи дека станува збор за единствената болница во Југозападниот плански регион од таа област, истовремено и единствената здравствена установа специјализирана во делот на ортопедија и трауматологија на ниво на државата. - Во моментот овој центар не функционира со полн капацитет односно не функционира базенот и делот за хидротерапијата поради високите трошоци за загревање на базенот. Бидејќи хидротерапијата е многу значаен дел од физикалната терапија за комплетна рехабилитација на пациентите, со проектот се предвидува реконструкција на постоечкиот базен за физикална терапија, со градежни зафати за енергетска ефикасност, вградување на инфраструктура за загревање на базенот со обновливи извори на енергија, опремување на центар за физикална терапија со сите потребни помагала за корисниците/пациентите и обезбедена одржливост на проектот со соодветно и правилно одржување на реконструираниот објект. Овој проект е доказ дека заедно со Швајцарската влада се грижиме за граѓаните преку инвестиција во здравството, појасни министерот. Преку Швајцарската агенција за развој и соработка обезбедени се осум милиони денари за проектот во рамките на развојни цели на Југозападниот плански регион. Според Милевски, средствата ќе бидат насочени кон подобро искористување и зајакнување на расположливите човечки, материјални и природни ресурси, подобрување на условите на сите граѓани преку системско и институционално содејство во функција на побрза рехабилитација, поквалитетно живеење и развивање на механизми за социјално вклучување на ранливите групи од регионот. За директорот на болницата Ацо Велески, проектот е од големо значење, реконструкцијата на базенот била неопходна, за сите пациенти пред се постоперативните случаи односно нивна рехабилитација. - Капацитетот на „Св. Еразмо“ е 150 кревети, но редуцирани сме заради пандемијата. Со планираните промени ќе се намали времето за престој во болницата и времето за рехабилитација на пациентите, ќе придонесе за намалување на деформитетите на децата во раст кои ќе користат физикална терапија со што ќе се подобри квалитетот на животот во заедницата за сите граѓани во регионот вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, стари и изнемоштени лица, деца во раст и развој, вели Велески. Од еколошки аспект се води сметка за потрошувачката на електрична енергија, преку поставување 50 соларни панели со кои ќе се остварат заштеди на струја и до 50 проценти. - На Форумот на заедниците идентификувани се потребите во овој регион, така што овој проект беше потребен и прво рангиран. Проектот опфаќа три фази кои треба да се реализираат до април, така што веќе се работи и сме во првата фаза, така што очекуваме на пролет да се пушти во употреба и овој дел од болницата, додаде директорката на Југозападен плански регион, Мирјана Лозаноска. аб/дма/  

Остани поврзан