• вторник, 26 ноември 2024

Милевски: Мислам дека за десетина дена ќе имаме можеби избор на нова влада

Милевски: Мислам дека за десетина дена ќе имаме можеби избор на нова влада
Скопје, 3 ноември 2021 (МИА) - До средината на следната недела ќе имаме некој искристализиран предлог за идниот мандатар на владата, а мислам дека за десетина дена ќе имаме можеби избор на нова влада, изјави вечерва лидерот на ЛДП Горан Милевски, посочувајќи дека во моментот коалициските партнери кои се дел од Владата имаат интензивни преговори. Прашан за тесното парламентарно мнозинство, Милевски во гостувањето на телевизија Сител, рече дека се очекува мнозинството да се зголеми и тоа дека ќе се знае деновиве. - Како што се најави, се очекува одговор од Алтернатива. Ако се даде одговор, тоа мнозинство може да биде зголемено, ако не ќе остане и ќе продолжи ова мнозинство да функционира. Тоа е плус четири, 66 пратеници, изјави Милевски. Прашан за барањето за одложување на оставката на премиерот Зоран Заев, Милевски, рече дека и денеска имале средби со премиерот и дека тој е решен тоа да биде час поскоро. - Генерално на средбата од помалите коалициони партнери, но и од ДУИ, беше прашањето премиерот Зоран Заев да не се повлекува од функцијата. Наше мислење, беше стравувањето да не го загрозиме процесот, кој што очекуваме да се деблокира во декември. На тоа се надоврзаа и некои други партии, меѓутоа разговорот така заврши. Потоа, некој ги брифирал медиумите дека тоа е нешто договорено, премиерот да даде оставка до нова година, меѓутоа не. И денеска имаме средби со премиерот и решен е тоа да биде час поскоро. Ако таа е владата, ако таа е политиката, ирелевантно е кој ќе биде премиерот, битно е да го доведеме процесот во декември. Она што го ветиме пред граѓаните, влез во НАТО и почнување преговори со ЕУ мислам дека конечно до крајот на оваа година ќе се реализира и тоа ќе биде еден голем позитивен исчекор за државата, изјави Милевски. Ова, посочи Милевски, не е реконструкција, туку избор на нова влада, бидејќи премиерот заминува со целата влада. - Останува до сите коалициони партнери дали ќе ги задржат имињата кои што ги водат ресорите. Нема доволно време за детални анализи, за овој изборен пораз, но мислам дека генерално ги гледаат слабостите и би требало да нема само промена на премиерот, туку да има и некои други реконструкции, но тоа останува на СДСМ, на ДУИ, на БЕСА, на ЛДП, сето она што ќе се процени внатре да се менува, изјави Милевски. аа/нд/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан