• четврток, 14 ноември 2024

Милевски: Заслуживме победа

Милевски: Заслуживме победа

Рејкјавик, 5 септември 2021 (МИА) – Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски оцени дека вечерашното реми од 2:2 на гостувањето во Исланд е „неправеден резултат“ за неговите избраници, кои испуштија два гола предноста во завршните минути од дуелот во Рејкјавик во рамки на мундијалските квалификации.

- Мислам дека бевме далеку подобар противник, игравме врвен фудбал цели 75 минути и крајниот резултат е неправеден за нас. Во секој случај, сакам да им честитам на фудбалерите на Исланд, кои покажаа карактер, не се откажуваа до самиот крај и дојдоа до за нив добар резултат, изјави Милевски на официјалната прес-конференција по натпреварот.

- Лично сум задоволен како игравме натпреварот, но не и како го завршивме. Пресуди психолошкиот момент по првиот гол на Исланд, кој го примивме по наша вина. Секако дека ќе направиме детална анализа каде грешевме. Како што реков, мислам дека незаслужено загубивме два бода, но таков е фудбалот и ние продолжуваме понатаму во квалификациите, додаде Милевски, под чие водство македонскиот состав го одигра и вториот нерешен резултат во септемврискиот циклус за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

Следен противник на „црвено – жолтите“, кои во моментов се третопласирани на половина од мундијалските квалификации со осум бодови, е Романија, в среда во Скопје, во рамки на 6. коло во групата Ј. ег/бк/

Остани поврзан