Милатовиќ: Црна Гора ќе биде 28. членка на Европската унија
- Црна Гора ќе биде 28. членка на Европската унија (ЕУ), изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.
Подгорица, 29 јануари 2025 (МИА) - Црна Гора ќе биде 28. членка на Европската унија (ЕУ), изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.
- Стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан е поважно од кога било. Затоа Црна Гора мора да ја искористи можноста да стане 28-ма членка на Европската унија до 2028 година, рече Милатовиќ за време на предавањето пред студентите на Колеџот на Европа во Натолин, одржано за време на неговата работна посета на Полска.
Тој нагласи дека Црна Гора се смета за најнапредна од десетте земји кандидати за членство во ЕУ.
Нашата стратешка цел е да ги завршиме преговорите до крајот на 2026 година и да станеме членка на ЕУ до 2028 година. Ова е амбициозен, но остварлив план“, рече Милатовиќ.
-Има пет причини зошто Црна Гора е лидер меѓу земјите - кандидати. Отворивме 33 поглавја во преговорите со ЕУ и затворивме шест. Целосно ја усогласивме нашата надворешна и безбедносна политика со оние на Европа. Црна Гора е економски најнапредната од другите земји - кандидати и веќе го користи еврото. Немаме значителни отворени прашања со нашите соседи, иако има предизвик со Хрватска. Ние сме членка на НАТО од 2017 година и со тоа е зајакната стабилноста на Западен Балкан, додаде Милатовиќ. рп/
Фото: МИА архива