• понеделник, 23 декември 2024

Миланов: Правната квалификација „убиство“ е спорна за сите обвинети во случајот Денис Тот

Миланов: Правната квалификација „убиство“ е спорна за сите обвинети во случајот Денис Тот

Скопје, 15 мај 2023 (МИА) - Сметам дека во конкретниот случај правната квалификација дека станува збор за „убиство“ е спорна за сите обвинети, истакна адвокатот Еленко Миланов во врска со пресудата за случајот со убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот.

Бранителот на обвинетиот Андреј Костовски, во изјава за медиуми по јавната седница во Апелациониот суд во Скопје, истакна дека во однос на неговиот клиент, единственото дејствие е во пределот на десната страна на градниот кош.

- Каде што нема модринка, нема знаци на повреда, а тоа е единственото дејствие кое што го врзува како соизвршител за кривично дело убиство, рече тој, дополнувајќи дека оттука, смета дека не може, во однос на Андреј да биде таа правна квалификација, ниту, како што рече, „што било друго од она што го утврдува првостепениот суд“.

Бранителот на обвинетата Клементина Лековска, Бојан Василевски рече дека очекуваат дека жалбите ќе бидат уважени. 

- Очекуваме дека првостепената пресуда ќе биде укината и дека ќе одиме на повторно судење. Сите бранители жалбата ја побиваме по четирите основи. Сметаме дека има суштествени повреди на постапката, дека не е целосно утврдена фактичката состојба, дека е повреден Кривичниот Законик и дека е превисока казната, практично по сите основи рече тој.

Основниот кривичен суд Скопје во ноември минатата година, ги осуди Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска по 18 години казна затвор, а Андреј Костовски на 16 години за убиството на хрватскиот ракометар кој почина на 8 април 2022 откако бил претепан од обвинетите пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Според обвинителниот акт, Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април, по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај него најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал. 

Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска. ар/

Фото: МИА 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан