• четврток, 25 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

30 мај 2024

 

Скопје - Управниот суд на синоќа одржана јавна расправа ја одби како несонована тужбата поднесена од Коалицијата Европски фронт на Парламентарните избори 2024, против решението на Државната изборна комисија на РСМ за прегласувањето на избирачкото место 2101 во село Ларце во општина Желино. 

Скопје - Заради извршување на градежни активности, од утре времено ќе биде изменет режимот на сообраќај на автопат А1, делница Петровец - Катланово. -Измената на режим на сообраќај ќе започне да се применува од петок, 31.05.2024, а во врска со проектот за завршување на работите на рехабилитација со проширување на наведената делница од автопатот, соопштуваат од АМСМ. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков “ – Скопје, во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“, оваа година, по 28. пат, организира дводневен Меѓународен научен собир на тема:„Македонскиот јазик во светлината на семантичките проучувања“. Научниот собир, како што најавуваат организаторите, ќе се одржи денеска и утре во Делчево, а на собирот ќе настапат педесетина универзитетски професори и научници од земјата и од странство.

Скопје - Агенцијата за пошти денеска во Скопје ќе го одржи 22-от јавен состанок, со цел да им овозможи на сите заинтересирани страни да се информираат за превземените активности и за регулаторните мерки во тековната годината. На состанокот, како што информираат од Агенцијата за пошти, ќе биде презентирана состојбата на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија, како и тековните активности на Агенцијата, плановите и програмите за делување во идниот период.

Скопје - Економски форум „По бурата: Управување со прехранбената и енергетската стабилност во Западниот Балкан“ ќе се одржи денеска во Скопје. На овој регионален Економски форум за земјите од Западен Балкан, како што информираат од Finance Think, ќе бидат презентирани нови наоди од неодамнешната криза со цените на храната и енергентите, потпирајќи се на Студиите на политиките за Западен Балкан, со осврт на четири клучни аспекти: егзистенцијата на домаќинствата, конкурентноста на компаниите, фискалниот простор и регионалната интеграција (линк до сумираниот дел и студиите).

Скопје - Четврто издание на Скопскиот поетски фестивал се одржува  до 1 јуни на неколку локации во Скопје - Младинскиот културен центар (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и во кафе-книжарницата „Буква“. Гостуваат поети од Норвешка, Ирска, Словенија, Грција, Хрватска и од Србија, а ќе настапат и дваесетина домашни поети. Официјалното отворање е вечер во 20:00 часот во МКЦ.

Скопје - Неформалното здружение Зборци вечер од 20 часот во Паркот на франкофонијата организира настан „Зборообразување“ во соработка со Универзитетско студентстко собрание на УКИМ. Настанот предвидува разговор со Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески" при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на факултетот, и професорката Татјана Б. Ефтимовска која е една од иницијаторите за формирање на „Зборци“.

Скопје - Во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), денеска во Скопје ќе се одржи третата меѓународна конференција „Унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“. -Низ презентации на научно-стручни трудови и стручна литература, бројни реномирани домашни и странски експерти од областа на сообраќајот ќе разменат искуства и добри практики на теми кои ги опфаќаат безбедноста на сообраќајот и на учесниците во сообраќајот на патиштата, сообраќајното инженерство и проектирањето, интелигентните транспортни системи и новите технологии, сообраќајната политика и регулативите, националната и меѓународната соработка и многу други теми во функција на подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, информираат од РСБСП.

Скопје - Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, денеска свечено ќе ја отвори Јуроп Хаус Струга. Активностите поврзани со официјалното отворање, како што соопштија од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, ќе продолжат попладне со откривање на муралот „Симбиоза“ финансиран од ЕУ, во Музејот на природата „Д-р Никола Незлобински“. Младите од Струга потоа ќе имаат можност за дружба со нивните врсници преку настан за вмрежување на отворено.

Скопје - Донации на лични фондови на Анте Поповски и на Матеја Матевски ќе бидат промовирани вечер во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. -Благодарение на соработката со семејствата Поповски и Матевски, Музејот ги збогатува фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20. век, се наведува во соопштението до јавноста од НУ Музеј на македонската борба.

Скопје - Во чест на 82 години од раѓањето на македонскиот сликар Владимир Георгиевски (1.6.1942 - 25.5.2017), Галерија Матица, во соработка со семејството Георгиевски, организира изложба на триесетина досега неизложувани дела од различни фази на неговото творештвото. Изложбата ќе биде отворена вечер и ќе трае до 24 јуни 2024 година.

Скопје - Во КСП Центар Јадро вечер од 20 часот премиерно ќе биде прикажано уметничкото видео „Вештини за оживување“ на Клелија Живковиќ. Учесници и коавтори на овој проект се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска. Како што соопшти КСП Центар Јадро, во период од три месеци петчлениот тим го истражуваше сопственото и колективното оживување преку работилници базирани на методи инспирирани од изведувачките уметности.

Скопје - Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија „Мобилност Македонија“, по повод 30 мај - Светскиот ден на лицата заболени од мултипла склероза, денеска организира марш за подигнување на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза за нивните специфични потреби за поквалитетен живот и социјална инклузија. На настанот, како што информираат од „Мобилност Македонија“, ќе се приклучат и лицата со параплегија и дистрофија.

Приштина – Косовската полиција соопшти дека при претресот на трезорската филијала на Народната банка на Србија (НБС) во северниот дел на Косовска Митровица, затворена на 20 мај заедно со сите пет филијали на банката Поштенска штедилница во северниот дел Косово, запленила динари, евра и швајцарски франци. Косовската полиција на 20 мај ги затвори експозитурите на Поштенска штедилница и трезорот на НБС во Косовска Митровица, но, не успеала да го отвори сефот во трезорот бидејќи одговорното лице кое имало клучевите од сефот било отсутно.

Приштина - Пропадна иницијативата на Демократската партија на Косово (ДПК) да се распушти собранието и во Косово да се одржат предвремени избори, најрано на почетокот на јули, бидејќи опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ДСК) и Алијансата за иднината на Косово ( АБК) не ја поддржа таа иницијатива, изјави лидерот на ДПК Мемли Красниќи. Воедно, неодржувањето предвремени избори од владејачката Самоопределување го оценија како потврда за добро менаџирање од страна на актуелната власт.

Будимпешта - Шефот на одделот за гранична полиција на Унгарија, Балаш Ласло, изјави дека 18-от унгарски полициски контингент од 28 полицајци заминал за Србија за да може таа земја да продолжи со работата за спречување на илегалната миграција. -Ние сме должни да спречиме илегални мигранти да влезат на територијата на нашата земја, како и на територијата на Европската унија, и затоа тесно соработуваме со надлежните органи на соседните земји, рече Ласло.

Прага – Во Прага денеска почнува средбата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, кои се соочуваат со зголемените повици водечките сојузници да ги укинат ограничувањата што го спречуваат Киев да користи западно оружје за напади врз руска територија. Дводневната средба треба да се фокусира на напорите да се постигне пакет за поддршка за Украина на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули. Украина ги притиска своите поддржувачи, главно САД, да и дозволат да го употреби оружје против цели во Русија. САД и Германија досега одбиваа да му дозволат на Киев да нападне преку границата, бидејќи би можело да ги вовлече во директен конфликт со Москва.

Лондон – Британскиот Парламент официјално е распуштен пред изборите, што се закажани на 4 јули. Главната опозициска Лабуристичката партија се очекува да ги порази владејачките конзервативци по повеќе од една деценија. Парламентот беше распуштен по ненадејната одлука на премиерот Риши Сунак минатата недела да распише избори. Сега започнува изборната кампања за пополнување на составот на 650-члениот Долниот дом на британскиот Парламент.

Лион - Четири лица се уапсени и прекината е работа на повеќе од 100 сервери во голема меѓународна операција против малициозен софтвер, објави денеска Европол. Тоа беше „најголемата досега операција против ботнети, кои играат главна улога во ширење на софтвер со кој се бара откуп“ . Апсења се извршени во Ерменија и Украина, и извршени се и 16 полициски претреси во четири различни земји, се вели во соопштението на Европол. 

Љубљана - Словенечкиот премиер, Роберт Голоб најави дека неговата земја денеска ќе ја признае палестинската држава. Шпанија, Ирска и Норвешка го направија тоа во вторникот - се приклучија на групата од 140 земји кои ја признаа палестинската држава.

Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел го објави годишниот извештај за состојбата на човековите права и демократијата во светот за 2023 година, истакнувајќи оти ЕУ останала цврста во својата посветеност за поддршка и унапредување човековите права и демократијата минатата година. - Оваа година се одбележуваат 75 години од Универзалната декларација за човекови права, фундаментален документ кој го отвори патот за законот за човекови права што светот го знае денес, посочи Борел во предговорот на извештајот, објавен на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Газа - Според извештаите на израелските медиуми, израелската армија ја презела контролата врз целиот Појас Газа долж границата со Египет, јави ДПА. Израелските војници се стационирани во поголемиот дел од областа позната како Коридор Филаделфија, област долга 14 километри долж границата со Египет и Појасот Газа, објавија неколку медиуми синоќа, повикувајќи се на армијата.

Вашингтон – Институтот за меѓународни финансии (ИИФ) објави дека светот е заробен во долгови од 315 трилиони долари, што е најголем раст во изминатите 80 години. Бранот на раст на глобалниот долг е најголем, најбрз и најраспространет од Втората светска војна, што се совпаѓа со пандемијата Ковид-19. Ова зголемување го означува вториот последователен квартал на раст и првенствено се однесува на пазарите во развој, каде долгот се искачи на невидени 105 трилиони долари, се истакнува во кварталниот извештај на ИИФ, со седиште во Вашингтон.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден планира да отпатува во Франција на почетокот на јуни за да учествува на церемониите по повод одбележувањето на истоварувањето на сојузниците во Нормандија на крајот на Втората светска војна. Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер ги објави плановите за патување на Бајден, но не даде детали. Денот Д го означи почетокот на ослободувањето на Европа од нацистичка Германија.

Вашингтон – Поротата на судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера го заврши првиот ден од расправата без да донесе пресуда. Сепак, 12-те поротници побараа повторно да ги слушнат потенцијално клучни докази на сведоците. Судскиот процес што почна минатиот месец во Њујорк против Трамп под обвинение дека го купил молкот на порно актерката Сторми Даниелс за нивната врска е историски. Тоа е прва кривична постапка во САД против поранешен претседател. Трамп судскиот процес го оцени како „многу неправеден“.

Пекинг – Претседателот на Египет, Абдел Фатах ел Сиси ја повика меѓународната заедница да се погрижи Палестинците да не бидат присилно раселени од Појасот Газа, разурнат од војна. - Ја повикувам меѓународната заедница веднаш да обезбеди долгорочна хуманитарна помош за Појасот Газа и да ја прекине израелската опсада и да го запре секој обид да се принудат Палестинците да ја напуштат својата земја со сила, истакна ел Сиси на Арапски форум за соработка во Пекинг.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска повика да се организира голема мировна конференција за изнаоѓање решение за конфликтот во Појасот Газа. Кинескиот лидер го упати својот апел на форумот во Пекинг на кој присуствуваа арапски лидери и дипломати. -Блискиот исток е со големи изгледи за развој, но таму се уште беснее војна. Војната не може да трае вечно. Правдата не може да отсуствува вечно, рече Си во врска со војната во Појасот Газа.

Техеран - Во Иран денеска почнува петдневниот рок за кандидатура за предвремени претседателски избори, кои се одржуваат по загинувањето на Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа. Кандидати за изборите закажани за 28 јуни можат да бидат лица на возраст од 40 до 75 години и мора да имаат најмалку магистерски студии. Сите потенцијални кандидатури мора да бидат одобрени од Советот на чувари на Револуцијата, 12-члено тело составено од адвокати и истакнати верски водачи надгледувано од иранскиот врховен водач, Али Хамнеи.

Остани поврзан