• вторник, 09 декември 2025
МИА Општински пул

 7 ноември 2025 

Охрид – Градот Охрид денеска на 7 Ноември ја одбележува 81-та годишнина од ослободувањето од фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.

По повод празникот вчера во Големата сала на Центарот за култура се одржа Свечена академија „Охридска музичка антологија“ со што почнаа чествувањата на празникот.

Градоначалникот Кирил Пецаков пред присутните посочи на жртвата што големи луѓе ја понесоа за слободата што денес ја живееме.

- Чествувајќи го денешниот ден, како празник на нашиов Охрид, уште еднаш го исполнуваме аманетот со крв испишан од партизаните. Славејќи ја нивната жртва  за слободен  град , уште еднаш потврдуваме дека нашиот народ има сила да чекори кон вечноста...Тоа се мажите, жените, па дури и децата, кои со својот придонес ја поддржале македонската борба за права и еднаквост со останатите народи, со кои рамо до рамо се боревме во антифашистичката војна. Само синови и ќерки на Македонија можат да истраат тогаш кога е тешко. Само тие можат да дадат се од себе, бидејќи станува збор за нивните домови и семејства, за нивната земја, рече Пецаков.

Кавадарци - Тракторист загинал денеска во несреќа во кавадаречко, оваа информација ја потврди за МИА, Антоан Паракеов, раководител на Итна медицинска помош во Кавадарци. Несреќата била на патот од градот Кавадарци кон селото Дреново. 

- Наша медицинска екипа замина на лице место веднаш по дојавата за несреќата. Но, за жал, можела само да констатира смрт кај едно машко лице од селото, родено 1971 година. Лицето починало веднаш, откако се превртел тракторот со кој управувало, појасни Паракеов.

Тетово - Во просториите на Националниот парк Шар Планина во Тетово синоќа беше отворена изложба на фотографии на балканскиот рис дел од Патувачката изложба што ја организира Македонското еколошко друштво во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“. Изложени се 21 фотографија која жителите на Тетово ќе може да ги погледнат до 21 ноември.

-Се работи за 21 фотографија, претежно снимени со методот на фотозамки во текот на 18 години работа со оваа метода.  Ги селектиравме најдобрите слики од стотици слики кои што ги имаме од рисот досега. Изложбата започна во националниот парк Маврово па понатака беше на Пелистер па на Галичица и од охридската и од ресенска страна и еве сега е тука во Тетово. Ќе биде изложена тука до 21.11 за сите посетители ќе може да ја посетат изложбата, изјави Диме Меловски од Македонско еколошко друштво.

Рисот е забележан и на Шар Планина. За тоа сведочи една од фотографиите која е направена наподрачјето на Националниот парк во текот на 2024 година.

Велес - Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода и до Основното јавно обвинителство Велес поднесе кривична пријава против 43 годишниот  Д.Ц. поради основано сомнение дека бил соизвршител во кривично дело „убиство“ по член 123 став 1 од Кривичниот законик.

- Во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот Д.Ц., заедно со уште едно лице, го убиле Ѓ.Ѓ. од Велес, а кој завчера беше најден мртов на земјен пат кон село Бусилци, во Општина Чашка, информира утрово портпаролот на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.

Прво Д.Ц. го намамил Ѓ.Ѓ. и со својот автомобил го однел на локацијата. Потоа, заедно со другото лице, пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот, од кој жртвата починала.

Осомничениот Д.Ц. претходно бил сторител на кривично дело „разбојништво“, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката. МВР во координација со јавен обвинител презема мерки и активности за пронаоѓање и на другиот извршител на кривичното дело.

Струмица - Синоќа во Струмица беше официјално отворен Осмиот меѓународен симпозиум по археологија на тема „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“, во организација на Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица“, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

На тридневниот научен собир учествуваат дваесет археолози од седум држави, меѓу кои и истакнати македонски и странски истражувачи, кои ќе презентираат вкупно 16 научни трудови.

На отворањето присуствуваа бројни гости, меѓу кои домашни и странски археолози, универзитетски професори, истражувачи и претставници на културни институции. Присутните ги поздрави директорот на НУ „Завод и Музеј – Струмица“, Бранко Ѓоргиев, кој истакна дека континуираното одржување на овој симпозиум претставува доказ за сериозниот и посветен пристап кон археолошката наука и за значењето што Струмица го има како регионален центар на културното наследство.

Во рамки на свеченото отворање беа претставени и главните цели на симпозиумот- поттикнување академска дискусија за потеклото, развојот и културното значење на керамиката низ различни епохи и цивилизации, како и размена на современи научни сознанија и археолошки интерпретации.

Осмиот меѓународен симпозиум по археологија ќе трае до задутре.

Крива Паланка - Звуците на чалгијата со градските игри и песни од Тетово, Битола, Скопје, Велес, Струга и Охрид, синоќа ја разубавија и развеселија кривопаланечката публика во Националната установа Центар за култура на целовечерниот концерт на ансамблот „Македонија".

Концертот насловен „Ансамбл Македонија со вас" донесе вистинско уживање за присутните кои бесплатно го проследија настапот на ансамблот при музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев" Штип, репрезент на македонската традиционална култура, единствен во државата од ваков тип.

-Ансамблот работи со кадар, професионалци, кои се едуцираат на споменатата институција, универзитетот. Со него раководат врвни професионалци и стручен кадар од областа на традиционална игра, традиционални инструменти и пеење. Репертоарот на ансамблот е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија: западно, југозападно, јужно, источно и северно играорно подрачје. За сценско презентирање, ансамблот располага и со автентични традиционални носии од различните етнички предели во Македонија, нагласени преку различни социјални атрибути и реквизити, прикажувајќи ги различните социјални статуси во културата на живеење, информираат од ансамблот „Македонија".

Битола - Македонско-турско здружение „Кемал Ататурк“ вечер во Битола премиерно ќе го емитува документарниот филм „Мојот вујко Стив Наумов“.

Проекцијата на филмот е во рамки на празничната програма на Општина Битола организирана по повод денот на ослободувањето на градот, изјави за МИА Шенол Мемиш, продуцент на документарецот.

- Документарниот филм „Мојот вујко Стив Наумов“ го снимавме со камерманот Дејан Младеновиќ, а главен соговорник е Стефан Бошков, внук на народниот херој Стив Наумов. Документарниот филм, во 90 минути, нуди сведоштва за животот на Стив Наумов, јавноста ќе биде запознаена со родната куќа на Наумов, која минатата година беше реконструирана од НУ Завод и Музеј-Битола, но и други локации кои се поврзуваат со животот и делото на македонскиот народен херој, посочи Мемиш.

Документарниот филм „Мојот вујко Стив Наумов“ ќе се емитува во кино „Манаки“, а влезот е бесплатен, посочија од здружението „Кемал Ататурк“-Битола. 

Остани поврзан