МИА Општински пул
- 28 октомври 2025
28 октомври 2025
Скопје - Издавачката куќа „Готен“ соопшти дека словенечката писателка, драматург и драмска авторка Симона Хамер била последна гостинка што престојува во Скопје на циклусот книжевни резиденции за 2025 година што „Готен“ ги организира со поддршка од европската мрежа за преводи и книги „Традуки“.
-Нејзиниот прв роман, „Цимери“, беше објавен во август 2025 година од „Цанкарјева заложба“. Така, книжевната резиденција дојде во вистинскиот момент за нејзиното почнување на својот нов текст. За време на престојот во Скопје, Симона Хамер ги продлабочи контактите со своите колеги од театарската и книжевната сцена. Таа се сретна со македонски издавачи, со професори од Факултетот за драмски уметности и со претставници на неколку театарски куќи како што се Драмски театар и Театар Комедија. Таа размени мислења за идни преводи со реномираните преведувачи Дарко Спасов, Иванка Апостолова Баскар и Винсент Вилчник, кои се залагаат за македонско-словенечка културна соработка, соопшти „Готен“.
Скопје - Во Францускиот институт во Скопје вечер ќе се одржи промоција на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ од Деспина Ангеловска, театролог и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Книгата, објавена од издавачката куќа „Темплум“, ќе ја промовираат Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Лада Стевановиќ, научен советник на Етнографскиот институт САНУ во Белград, и Гоце Смилевски, писател.
Поетики на современата европска драма и театар нуди синтетизиран преглед на позначајните тенденции и појави во современата европска драма и театар од крајот на 20 и почетокот на 21 век.
Скопје - Во рамки на фестивалот „Златна лира – Фестивал на музичките уметници на Македонија“, денеска во Музејот на македонската борба, со почеток во 19 часот, ќе се одржи традиционалниот концерт на добитниците на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) од меѓународниот натпревар „Охридски бисери“.
Настап ќе имаат Ѓорѓи Димовски – саксофон (добитник на наградата на СМУМ), Маја Божиновска – пијано и Андреј Шаклев – пијано.
Како што се наведува во најавата за концертот, тој претставува дел од годишната програма на „Златна лира“ и има цел да го истакне уметничкиот потенцијал на младите македонски музичари и да обезбеди континуитет меѓу музичкото образование и професионалната сцена.
Ресен - Општина Ресен објави јавен повик до граѓаните и правни лица кои се даночни и таксени обврзници да ги подмират своите обврски по основ данок на имот и комунална такса и со тоа да придонесат за развојот на општината.
Од тамошната локална самоуправа информираат дека даночната администрација на Општина Ресен ги доставила решенијата за данок на имот и комунална такса, за 2025 година со што создадени се услови за навремено подмирување на законските обврски.
Скопје - Без вода денеска од 10:00 часот ќе останат жителите од улиците „Фрањо Клуз“, „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“ и „Коста Новаковиќ“ во општина Аеродром.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради уличен дефект ф-100 милиметри на улицата „Фрањо Клуз“ без број, кај маркетот Рамстор.
Поради уличен дефект ф-80 милиметри на улица „Тодор Ецов“ број 4, без вода од 9:50 часот се дел од корисниците од улиците „Тодор Ецов“, „Тодор Чопов“, „Томас Минцер“, „Константин Петковиќ“ и „Радован Ковачевиќ“ во општина Гази Баба. Жителите на двете локации ќе бидат без вода се до санирање на дефектите.
Скопје - Без вода за пиење во моментов е дел од Студеничани, информираат утрово од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.
Како што појаснуваат од претпријатието, станува збор за улиците „1“ и „2“, а причината била дефект во шахта.
Кочани - Викендов во подножјето на Осоговските Планини се одржа второто издание на планинската трка „Гратче Треил 2025“, во организација на Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ – Кочани. Настанот привлече 235 учесници од целата држава, кои ги одмерија силите на технички предизвикувачка патека долга 19 километри со висинска разлика од 850 метри.
Трката започна од СРЦ „Бавчалук“, продолжи кон селата Црвена Нива и Лешки, со спуст кон водопадите на Голема Река. Потоа следуваше релација преку локалитетот Мактеон нас селото Горно Гратче, со финална делница која заврши повторно во „Бавчалукот“. Натпреварувачите се надминуваа во машка и женска категорија, а традиционално беа доделени и признанија за најмлад и највозрасен учесник, во чест на членовите на клубот Диме Димитријев и Ѓорги Величков, кои трагично ги загубија животите во пожарот во „Пулс“.