• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

25 ноември 2025 

Кочани - Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов ја започна консултацијата со граѓаните преку термините за директни средби во општинската зграда. Во присуство на раководители и службеници од неколку одделенија и сектори, граѓаните денеска можеа да информираат за проблеми и потреби со кои се соочуваат од различни сфери на локалното живеење.  

– Задача во мојот мандат е на нов, динамичен и организиран начин да обезбедиме поефикасни и побрзи општински услуги и подобро справување со тековните предизвици. Потребите на граѓаните од јавен интерес и со локално значење ни се приоритет, се наведува во соопштението од Општината, цитирајќи го градоначалникот Грозданов.

Струга - Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура денеска го прими генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт.

На средбата, како што соопшти општнската прес-служба, се разговарало за заедничките предизвици и можности поврзани со регионалниот развој.

- На средбата беше потенцирана стратешката важност на Аеродромот Охрид, точка од клучно значење не само за локалниот развој, туку и за националната економија. Се разговараше за потребата од поголема интеграција и поблиска соработка меѓу општините од регионот и аеродромите, со цел создавање нови економски, туристички и инфраструктурни можности, стои во информацијата на Општина Струга.

Берово - Управата за јавни приходи продолжува со спроведување на едукативни активности во средните училишта ширум државата со цел зајакнување на знаењето и свеста кај младите за значењето на даночната култура и фискалната одговорност.

Учениците од четврта година од ОСУ „Ацо Русковски“ во Берово имаа можност да се запознаат со основните принципи на даночниот систем, начинот на негово функционирање, како и важноста од активната улога на секој граѓанин во градењето фер, транспарентно и просперитетно општество.

- Посебен акцент беше ставен на тоа дека плаќањето даноци не претставува само административна обврска, туку инвестиција во подобра иднина – во современи училишта, квалитетни здравствени услуги, модерна спортска инфраструктура, развој на патишта и јавни услуги кои се достапни за сите граѓани, информираа од училиштето.

Струмица - Во просториите на Општина Струмица, денеска потпишавме Меморандум за соработка со директорот на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица“, Бранко Ѓоргиев, објави на неговиот фејсбук профил градоначалникот Петар Јанков.

Според него, со овој документ официјално се воспоставува партнерство меѓу двете институции со цел зајакнување на заштитата, промоцијата и валоризацијата на културното наследство на Струмица и регионот.

-Во рамките на соработката се предвидува заедничка подготовка и реализација на проекти, истражувачки иницијативи, едукативни програми, јавни настани и активности за подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на културното наследство. Дополнително, ќе се разменуваат стручни знаења, професионални ресурси и добри практики за унапредување на локалните политики во областа на културата, се наведува во објавата на Јанков.

Скопје - Општина Кисела Вода денеска  уриваше дивоградба во населбата „11 Октомври“ по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти. Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар, информираат од локалната самоуправа.

-Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе se залагам за работење исклучиво според право и правда, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.

За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности, нагласи, ќе биде издадено решение за отстранување.

Карбинци – Општина Карбинци почнува со креирање на буџетот за 2026 година, во којшто ќе бидат вклучени и граѓаните со свои идеи и барања, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Тој истакна дека граѓаните веќе од утре ќе можат да ги доставуваат своите предлози за новиот буџет.

-Ги повикуваме граѓаните, вратата на општината ќе биде отворена за секој еден кој има идеја, предлог да го предложи и заеднички да го креираме Буџетот за следната 2026 година. Очекувам во следниот период да имаме посета од страна на жители, коишто ќе имаат одредена идеја, предлог, но и проблем којшто ние не го знаеме да можеме да го решиме, изјави Паунов.

Дебар - Градоначалникот на Дебар, Фисник Меља, порача дека во ниту еден момент нема да биде дозволена никаква градба без дозвола покрај Дебарско Езеро.

-Во последните денови, во подрачјето на Дебарско Езеро, беше констатиран обид за узурпација на јавна сопственост. Благодарение на итната реакција на Општина Дебар и соработката со надлежните служби, јавниот простор беше ослободен без одложување, а местото на настанот беше обележано со службени ленти за да се спречи каква било понатамошна интервенција, информираше Меља.

Додаде дека општината нема да толерира узурпација на земјиште во државна сопственост на целата територија, а тоа значи и за просторот покрај Дебарско Езеро.

Куманово - Почна изградбата на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, информираа денеска надлежните.

- Во тек е изградба на дел од булевар „Октомвриска Револуција“, на потегот од улица „Доне Божинов“ до улицата „Братство Единство“ во Куманово. Продолжуваме со подобрување на уличната инфраструктура, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Пробивањето на трасата на „Октомвриска револуција“ во текот на летниот период беше одложена за есенва, поради гужвите во средината на август.

Скопје - Во насока на унапредување на комуналните услуги и обезбедување поквалитетен живот за граѓаните, Општина Илинден продолжува со вложување во модернизација и подобрување на опремата на општинските јавни комунални претпријатија.

-Со цел поефикасно одржување на јавната чистота, зеленилото и парковите, како и зголемување на безбедноста на целата територија на општината, набавена е нова противпожарна опрема за потребите на ЈКП „Илинден“, соопштија од Општина Илинден.

Скопје - Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски заедно со директорката Мевлиде Елези Круези извршија увид во активностите за поставување на нова енергетска фасада на општинското основно училиште „Петар Здравковски-Пенко” во Скопје Север.

-Вредноста на овој проект е 11 милиони денари. Новата фасада на училиштето е барање кое се реализира во договор со родителите. Висококвалитетната фасада значително ќе придонесе за енергетска ефикасност на објектот и ќе ја намали потрошувачката на енергија. Локалната самоуправа преку континуирани инвестиции обезбедува најдобри услови за настава на учениците во сите основни училишта во општина Бутел, се наведува во соопштението од Општина Бутел. 

Битола - Општина Битола денеска промовира три нови спортско-рекративни игралишта за деца и млади изградени во населбата викана „Областа“ во овој град.

Станува збор за нов урбанизира простор на површина од 630 квадратни метри за чие опремување и изградба Општина Битола вложи 2,7 милиони денари.

-Комплексот содржи детско игралиште, мало кошаркарско игралиште и мало фудбалско игралиште. На детското игралиште е поставена соодветна урбана опрема и реквизити. Кошаркарското и фудбалското игралиште се опремени со модуларни подлоги и соодветна урбана опрема, информираа од тамошната локална самоуправа.

Битола - Под мотото „Уметноста на звукот“ од 27 ноември до 1 декември во Битола ќе се одржи 17. издание на фестивалот „Музика од светот“. Годинава на фестивалот во Битола ќе настапат уметници од Турција, Хрватска, Грција, Русија, Шпанија и Македонија, изјави на прес конференција во битолкиот Центар за култура, Сашо Илковски, директор на таа национална установа.

-Фестивалот ја претвора Битола во една точка на уметничка инспирација и културна поврзаност, средба на различни култури, јазици и звуци, а со една иста цел – музиката како еден основен, универзален јазик на човештвото. Во новото фестивалско издание ќе го истржуваме просторот меѓу тишината и вибрацијата, меѓу интонацијата и емоцијата, бидејќи звукот не е само средство за изразување, туку и врска која што се воспоставува меѓу слушателот и изведувачот, меѓу традиционалното и современото, меѓу локалното и светското, истакна Илковски.

Фестивалот „Музика од светот“ ќе го отворат групата „Фонтана“ од Битола и пејачката Гамзе Матраџи од Измир, Турција.

Куманово - Кумановци вечер со почеток во 19 часот во Занаетчискиот дом ќе имаат можност да го проследат предавањето „Црвен се барјак развева“ од проф. д-р Кирил Пенушлиски. Предавањето е завршен сегмент од обемниот, мултидисциплинарниот проект посветен на македонската народна борбена лирика и на нејзината интерпретација во делата на македонските ликовни уметници. Проектот опфати  ликовна изложба, поставена во Националната галерија на Македонија, како и книга со академски текстови, која служи и како каталог на изложбата.

Проектот „Црвен се барјак развева“ ги поврзува избраните народни борбени песни со дела на македонски ликовни уметници. Традицијата и народната поезија се форми на изразување на националниот идентитет и манифестација на колективното минато. Традицијата е и рефлексија на историјата и суштински елемент во обликувањето на идентитетот на македонскиот народ. Во делата претставени на изложбата, македонските уметници ги оживуваат и надградуваат приказните и историските случки од народната лирика, придонесувајќи кон формирањето на современиот македонски визуелен идентитет и кон зајакнување на колективната меморија.

Куманово - Нов директор на кумановското јавно претпријатие „Водовод“ е Игор Липковски, кој доаѓа на местото на Оливер Стојмановски.

Липковски завршил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и е магистер на правни науки. На оваа позиција доаѓа од јавното претпријатие каде што работел во Одделот за човечки ресурси. Претходно работел и во подрачното одделение на ПИОМ.

- Ќе се залагам за подобрување на услугите кои претпријатието ги нуди кон правните и физичките лица, навремена испорака на вода до крајните корисници, стабилизирање на претпријатието, унапредување на услугите, изјави Липковски.

Остани поврзан