• среда, 25 март 2026
МИА Општински пул

 4 август 2025

Куманово - Центарот за управување со кризи денеска информираа дека сè уште е активен пожарот во општина Липково на подрачјето помеѓу селата Слупчане и Ваксинце. Пожарот избувна вчера во попладневните часови и зафати сува трева и нискостеблеста шума гореле во атарот на липковското село Слупчане, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.

На пожарот во текот на вчерашниот ден интервенирале две противпожарни возила со шест пожарникари, две екипи на кумановската подружница на „Национални шуми“, како и припадници на македонската Армија.

Екипа на „Национални шуми“ покрај интервенцијата во ноќните часови и денеска опожарените површини во атарот на село Слупчане.

- ТППЕ Куманово го локализира и заврши пожарот во село Слупчане на потегот кон селото како и на потегот кон село Ваксинце и војните магацини, нешто пред 22:00 часот. Екипите на „Национални шуми“ кои активно учествуваа во гасењето на пожарот кон пошумениот дел село Руница го локализираа во раните вечерни часови. Едната екипа се повлече од местото на настанот во раните вечерни часови, додека втората остана да дежура до доцна во ноќта, соопштија од РЦУК Куманово.

Кумановската противпожарна единица вчера интервенирала и во атарот на село Опае, каде била опожарена викендичка, како на локалитетот „Стара циглана“. 

Куманово - Општина Куманово ги информира граѓаните дека утре ќе спроведе второ авионско прскање против комарци. Третманот, како што наведуваат од општината ќе опфати површина од 1 270 хектари и ќе се спроведе по течението на реките Кумановка, Липковка, Којнарка, месните заедници „Бабин Дол“ и населбите „Гоце Делчев“ и „Тоде Мендол“, централното градско подрачје и пречистителна станица JП „Водовод“ село Доброшане.

-Се известуваат граѓаните на Општина Куманово дека на ден 5. август (вторник), во период од 04:00 до 10:00 часот на територијата на општината ќе се изврши второ авионско прскање против возрасна форма на комарци. При извршување на третманот ќе се користи препаратот „Aqua K-Othrine 2 EW“, информираа од Општина Куманово.

Пчеларите треба да преземат соодветни заштитни мерки. Доколку временските услови се неповолни, тогаш авионското прскање ќе се одложи за нареден ден, за што граѓаните дополнително ќе бидат информирани.

Кочани - Во текот на вчерашниот ден, двајца риболовци од Кочани, од вештачкото езеро „Градче“, извлекоа огромен „Толстолобик“ со должина од 130 сантиметри и тежина од над 50 килограми.

 „Толстолобик“ е вообичаен назив кај нас и во источна Европа за сребрен крап (Hypophthalmichthys molitrix) —  слатководна риба од семејството Cyprinidae, позната и како „white carp“ или едноставно „silver carp“.

Оваа риба расте брзо и лесно надминува повеќе од 20 килограми. Се храни со фитопланктон и е многу корисна за чистење на езерата.

Несекојдневниот улов на двајцата рибари од Кочани, предизвика вистински „потрес“ меѓу љубителите на спортскиот риболов, посебно поради фактот што ваков примерок ретко се среќава во овој регион. Според двајцата среќни риболовците, борбата со рибата траела речиси еден час и на крајот резултирала со врвен трофеј.

Охрид – Роденденот на годинешното 65 издание на „Охридско лето“ ќе биде прославен со концерт на нашата оперска солистка Ана Дурловски, во пијано придружба на пијанистката Анахит Тер-Татшатјан.

Сопранистката Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје,  а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и Албанија.

Во 2006 година Ана дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.

Од 2006 до 2011 година Дурловски е член на оперскиот ансамбл на операта во Мајнц каде ги пее улогите на Лучија („Лучија ди Ламермур“), Софи („Кавалер со роза“), Музета („Боеми“) и Манон („Манон“). По овој ангажман, Дурловски станува еден од солистите ангажирани во Државната опера во Штутгарт каде нејзината интерпретација на главната улога во „Месечарка“ ѝ ја носи наградата „Фауст“ за најдобра женска улога доделена од германската стручна критика,  а списанието „Опернвелт“ ја прогласува за „откритие на годината“.  Во Штутгарт ги исполнува и улогите на Моргана („Алчина“), Фоли („Плате“), сестра Констанцa („Дијалози на камрелиќанките“), Цербинета („Ариадне“), Виолета („Травијата“), Олимпија („Хофманови приказни“), Елвира („Пуритани“), Норина („Дон Пасквале“).

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажува најновиот неделен извештај на ЈП „Водовод и канализација“. 

Секторот за санитарна контрола во периодот од 28 јули до 1 август 2025 земал 213 примероци за физичко-хемиска и 213 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 46 мерни места во Градот Скопје.

Според добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. 

Скопје -  ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) соопшти дека во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје од 28 јули  до 2 август 2025 со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 74 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

-ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците, информира ПОЦ. 

Остани поврзан