• вторник, 03 февруари 2026
МИА Општински пул

2 февруари 2026 

Куманово - Јоана Сарафимовска е именувана за вршител на должност директор на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово. Таа доаѓа на местото на досегашниот директор Сашо Тодоровски.

Сарафимовска, дипломиран филолог по турски јазик со македонски јазик,  беше вработена во установата, каде работи како стручен соработник за драмска дејност. Нејзиното именување е извршено од страна на Министерството за култура и туризам, со одлука на министерот Зоран Љутков.

-Во исчекување сме на програмските активности опфатени во годишната програма, кои наскоро треба да ги добиеме од Министерството за култура и туризам. Ќе се водиме по програмата и ќе ги реализираме сите фестивали. Се надеваме дека ќе понудиме квалитетна програма за нашата публика, изјави Сарафимовска.

Штип - Нема пожари на отворено, но во зимскиот период штипските пожарникари бележат интервенции на објекти, куќи, станови поради запалени оџаци или пожари предизвикани од преоптоварени и дотраени електрични инсталации, нестручно приклучување на електричните уреди.

Командирот на Територијалната противпожарна едница (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов денеска изјави дека најзагрозени се старите објекти со дрвени меѓукатни и кровни конструкции, каде огнот брзо може да се прошири. Граѓаните најчесто реагираат навреме, пријавувајќи го пожарот до Противпожарната единица, а благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, засега се спречени поголеми катастрофи и материјални штети. 

Скопје - Град Скопје го објави првиот конкурс за културно-уметнички проекти за „Скопје - европска престолнина на културата 2028“. Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат во целиот град и во сите десет општини, како во институционалните простори така и на јавни локации. 

- „Скопје 2028“ не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба. Токму затоа Град Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање културно-уметнички проекти во рамките на програмата „Скопје - европска престолнина на културата 2028“. Со отворањето на овој конкурс Скопје влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти. Проекти што нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем - велат од Град Скопје.

Велес - Екипа од ЈП „Македонија пат “ Подружница Велес е на терен и  работи на  расчистување на поголем одрон од карпа која падна денеска  околу пладне на патот Градско - Велес кај поранешната Хемиска индустрија ХИВ.

Екипата од вработени  од ЈП „Македонија пат“ од велешката Подружница  замина на терен со машина скип - багер и  веќе работи на расчистување на карпата и оспособување на патот, информира за МИА, Ристе Коџобашиев  раководителот на оваа велешка подружница на ЈП „Македонија пат“.

Одронот на карпа е последица на обилните дождови и лизгавоста на теренот на овој дел од патот Градско - Велес.

Велес - Полицски службеници од СВР Велес  синоќа во 20:50 часот го лишиле од слобода  35 годишниот А.Р. од Велес. Тој се сомничи дека на неколку локации во Велес извршил кривични дела „тешка кражба“ и „кражба“. Дел од одземеното било пронајдено и вратено на сопствениците,информираат денеска од СВР Велес.

Воедно појаснуваат дека бил известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настаните, по што против А.Р. ќе бидат  поднесена соодветни поднесоци. 

Кавадарци - По обилниот дожд на територијата на општина Кавадарци, денеска се санираат неколку локации на колекторот на потегот од Кавадарци до кавадаречкото село Марена.

Градоначалникот Митко Јанчев попладнево информираше дека со механизација на Јавното претпријатие „Комуналец“ и „ЈАМИ“, како општествено одговорна компанија, како што нагласи тој, се работи на санација на неколку локации на колекторот на потегот од Кавадарци до село Марена.

Кавадаречкиот градоначалник, исто така, информираше и дека дежурните екипи на зимската служба се на терен уште од шест часот изутрина и континуирано ја следат состојбата на терен со паднатиот снег, се посолуваат патиштата со сол и со ризла, со цел подобрување на безбедноста.

Прилеп - Во Прилепскиот регион нема опасност од излевање на каналите. Иако за четири месеци наврнаа преку 300 литри вода на квадратен метар колку за цела година, каналите не се опасност, уверуваат од подружницата „Прилепско поле“ на ЈП Водостопанство на Македонија.

Веќе 70 проценти од најголемите канали се исчистени  од целата каналска мрежа од 167 километри.

-Моменталната ситуација е добра, поволна. Имаме исчистено околу 70 проценти од каналската мрежа, од главните реки. Исчистени се реката Блато, Крушевска Река, Сенокошка, Волковска, Подмолска  Река. Останува уште помал дел да го завршиме со чистењето во текот на овој месец. Моментално нема опасности, иако годината беше многу врнежлива. Така, за 4 месеци наврнаа колку за цела година, вели Зоран Тодороски, директор на „Прилепско поле“.

Куманово - СВР Куманово уапси две лица од Куманово и одзеде марихуана и дигитална вага. Полицијата утврдила дека ја поседувале и препродавале, соопшти денеска МВР.

- Вчера во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода М.К.(24) и Ј.С.(18), двајцата од Куманово. При претрес во домот кај М.К., извршен по судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага. По преземени дополнителни мерки било утврдено дека заеднички ја поседувале и препродавале дрогата, соопшти денеска МВР.

Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави. 

Скопје - Од улица „Коперникова“ во населбата Драчево почна сеопфатната теренска интервенција за чистење и уредување на јавните зелени површини, што Општина Кисела Вода од денеска ја реализира во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ под ингеренции на Град Скопје, информираат од Општината.

На денешниот настан присуствувале градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Муамер Сефери, кои заедно ја следеле и поддржале теренската интервенција, согласно нивната неодамнешната работна средба, на која била договорена зајакната соработка со фокус на подобрување и одржување на јавниот простор.

Скопје - Општина Бутел објави јавен повик за доделување еднократна финансиска помош во износ од 2.000 денари за најранливата категорија пензионери со минимална пензија.

Јавниот повик ќе биде отворен од утре до 24 февруари 2026 година. Документацијата треба да се доставува во просториите на Општина Бутел, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

Право на аплицирање имаат жители на Општина Бутел кои се приматели на старосна, семејна или инвалидска пензија со износ до 22.547 денари. Исплатата ќе се врши по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Дебар - Дел од моштите на свети Василиј Велики, еден од најголемите личности во историјата на Црквата Христова, доби манастирот „Свети Ѓорѓиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица. 

Тие, како што објави Бигорскиот манастир, чиј метох е манастирот во Рајчица, се дар од јеромонахот Стефан Симион од Православната црква на Романија, игумен на манастирот на светиот пророк Илија во Италија во регионот Лацио.

„Овој чин е плод на искрената духовна љубов и почит на јеромонахот Стефан Симион од Православната црква на Романија, игумен на манастирот на светиот пророк Илија во Италија, регионот Лацио - стои во објавата.

Се додава дека самата историја на оваа светиња го потврдува нејзиното големо значење. Имено, своевремено светите мошти му биле подарени на отец Стефан од ризницата на реликвии на Католичката црква, што во текот на историјата биле донесени од Истокот. За нејзината автентичност сведочат оригиналните ватикански печати, втиснати под самите мошти, како и на задната страна од реликвијарот во кој тие почиваат.

Струмица - Народниот театар „Антон Панов“ ја ја започна новата театарска сезона со претставата „Синот“ од Флоријан Зелер, во режија на Благој Мицевски, соопштија од оваа културна установа.

Додаваат дека февруарската репертоарска понуда ги вклучува и претставите „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски, „Мизантроп“ од Молиер во режија на Дамјан Тенев, „Деца на светот“ од Стефан Цанев во режија на Васил Михаил и „Пепелашка“ во адаптација и режија на Кољо Черкезов.

Од НУЦК „Антон Панов“ информираа дека љубителите на филмот ќе можат да го погледнат документарецот Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска, филм којшто ја спојува современата реалност со македонската народна легенда.

Штип - Камерите кои ќе бидат поставени на јавни површини, во дворовите на училиштата, градинките, парковите во Штип нема да се користат за системот „Безбеден град“ вели градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека овие камери, кои ќе се постават на 156 локации треба да го спречат вандализмот, односно девијантното однесување и уништувањето на парковите, урбаната опрема низ градот, а како што вели ќе служат и како доказен материјал на Министерството за внатрешни работи и за останатите институции. 

-Ќе имаат функција на контролирање и видео надзор на јавна површина за заштита од девијантно однесување, уништување на урбана опрема и ќе служат како доказен материјал во одредена постапка на СВР Штип. Камерите ќе забележуваат девијантно однесување, оти станува збор за паметен систем, кога има одредена појава тој ја регистрира и дава информација, рече Јорданов. 

Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова за МИА вели дека за реализација на овој проект имаат три тендерски постапки, од кои две веќе се завршени и тоа за интернет и за набавка на камерите, а деновиве ќе биде објавена и постапката за изведба на градежни работи.

Кочани - Општина Чешиново-Облешево со свој претставник учествуваше на Саемот за туризам и рурални домаќинства во Скопје, во организација на Министерството за култура и туризам.

Според соопштението од локалната самоуправа, на саемот, со гордост била претставена Семејната винарија „Дедов Двор“ од село Кучичино, како пример за автентично рурално домаќинство, посветено на традицијата, квалитетното производство и развојот на руралниот туризам.

Од Општината најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со поддршка на локалните производители и промоција на руралните вредности. 

Остани поврзан