МИА на Денот за високи гости на воената вежба „ОРИОН-25“ во Грција - со учество на специјални сили на девет земји, меѓу кои и нашата
- Во десетина различни, но и комплексни сценарија на копно, во вода и воздух, специјалните сили од девет држави, меѓу кои и специјалните сили „Волци“ од нашата земја, ги покажаа своите оперативни способности и капацитети на меѓународната воена вежба „ОРИОН-25“ што се одржува во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 13 ноември 2025 (МИА) – Во десетина различни, но и комплексни сценарија на копно, во вода и воздух, специјалните сили од девет држави, меѓу кои и специјалните сили „Волци“ од нашата земја, ги покажаа своите оперативни способности и капацитети на меѓународната воена вежба „ОРИОН-25“ што се одржува во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во воената вежба што започна на 3 ноември и завршува утре, учествуваат припадници од Командата за специјална војна на Грција, Единицата за подводни мисии на Крајбрежната служба, Единицата за борба против тероризам на грчката полиција, како и силите за специјални операции од Бугарија, Република Северна Македонија, Швајцарија, Италија, Хрватска, Кипар, САД и Романија, кои претпладнево на Денот за високи гости и претставници на медиуми, на кој присуствуваше и МИА, ги прикажаа нивните оперативни способности.

Целта на „ОРИОН-25“ е да се испитаат операциите на специјалните сили во реални услови, да се одржи, унапреди и подобри борбената готовност на тактичко ниво, да се максимизира меѓуинституционалната соработка на оперативно и стратешко ниво, како и да се унапреди и зајакне мултинационалната соработка.

Во крајбрежното место Мегара, во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, на околу 50 километри од центарот на грчката престолнина се одржа Денот за високи, што воедно е и последната фаза од вежбата, каде што специјалците од деветте земји изведоа вежби во над 15 комплексни сценарија со дронови, дронови-камикази, воени авиони Ф-16, воени хеликоптери, бродови итн.

Меѓу најимпресивните сценарија беа: заземање на мал карпест остров, инфилтрација на непријателска територија од воздух, како и евакуација на шестмина припадници на специјален тим со употреба на SPIES, односно специјалниот систем за извлекување, од воздух, со помош на јаже и хеликоптер од област во која не е изводливо слетување на копно.

Дополнително, вежбата вклучуваше и справување со непријателска брза реактивна сила со употреба на оклопни возила, евакуација на повреден со хеликоптер NH90, спуштање на два гумени чамци од хеликоптер во море итн.
И оваа година на Денот за високите гости, вежбата заврши со падобранци, кои ги носеа знамињата на земјите учеснички.

Началникот на Генералштабот на националната одбрана на Грција Димитрис Хупис се осврна на важноста на зајакнувањето на сојузите преку заедничка обука и соработка, како и на високата оперативна подготвеност на единиците што учествуваа во вежбата „ОРИОН“.

Џек и Џина – кучињата специјалци дел од „ОРИОН-25“
Дел од меѓународната воена вежба „ОРИОН-25“ беа и Џек и Џина – осумгодишни специјално обучени кучиња припадници на специјалните сили.

Со униформи и заштитни очила, двата белгиски малиноа овчари, се обучени послушно да реагираат и да ги следат наредбите на нивните водачи, да нападнат кога е потребно, но паралелно, се научени и да се социјализираат со оглед на тоа што вежбите се со учество на, за нив, непознати специјалци.

Пријателското расположение, двете кучиња го покажаа и кон претставниците на медиумите, додека нивните водачи објаснуваа дека имаат способност да интервенираат и во населени места, да се постави камера над главата на кучето што потоа се поврзува со мобилниот телефон или таблетот на специјалците со што имаат целосна слика на просторот.
Дополнително, поврзани се со специјален уред преку кој на далечина може да добијат наредби дали да нападнат или да се вратат назад.
Обучени се да нападнат, но само доколку добијат таква наредба.

Воената вежба „ОРИОН“ првпат беше одржана во Грција во 2018 година, тогаш само на национално ниво, а од 2020 година веќе има меѓународен карактер со учество на сојузнички и пријателски земји.

Македонските специјалци во конкретната воена вежба, учествуваа во мај 2023 година, како и во септември 2024 година, додека пак годинава дел од вежбата беа 14 припадници на специјалните сили Волци. ср/
Фото: МИА