• петок, 05 септември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА на бојното поле кај Ватерло – поразот на Наполеон Бонапарта кој означи крај на доминацијата на Франција во Европа

МИА на бојното поле кај Ватерло – поразот на Наполеон Бонапарта кој означи крај на доминацијата на Франција во Европа

Брисел, 11 август 2025 (МИА)

Сашко ПАНАЈОТОВ

– Ватерло е град со нешто над 30.000 жители, на 30 километри јужно од Брисел, близу административната граница на франкофонскиот регион Валонија со холандофонскиот Фландрија. Градот е седиште на европската филијала на „Мастеркард“, а во него се наоѓаат и неколку меѓународни училишта и музичката академија „Кралица Елизабет“. 

Овој белгиски град со претежно двокатни и трикатни згради во стил типичен за земјите од Бенелукс по ништо не отскокнува од останатите населени места во тој дел на Белгија, освен по едно. Во негова близина во 1815 година се одиграла Битката кај Ватерло, која ќе ја одреди иднината на Европа во првата половина на 19-от век. Битката резултира со конечниот пад на францускиот император Наполеон Бонапарта, а терминот „Ватерло“ оттогаш стана симбол за голем пораз или неуспех. 

По поразот во Русија и враќањето со десеткуваната армија во Франција, Наполеон е принуден да абдицира и во мај 1814 година е испратен во прогонство на островот Елба во Тиренското Море близу италијанскиот брег. Но, Наполеон не се помирува со своето прогонство и веќе следната година го напушта островот Елба и на 1 март 1815 година со околу 1.000 приврзаници се истоварува близу Кан во јужна Франција, од каде се упатува кон Париз. На тој пат му се придружуваат неколку илјади локални жители и на 20 март Наполеон стигнува во Париз и одново ја презема власта.    

На ваквиот потег реагираат четирите тогашни европски велесили и противници на Наполеон, Велика Британија, Прусија, Австрија и Русија на 25 март постигнуваат договор да упатат околу 794.000 војници во Франција, кои би требало да го освојат Париз. Од друга страна, Наполеон располагал со нешто над 160.000 војници, но се надевал дека до есента 1815 ќе може да регрутира околу 500.000 лица. 

Во такви услови, Наполеон решава да ги нападне здружените британско-холандски-западно германски сили, предводени од војводата Артур Велесли од Велингтон и пруските војници под команда на грофот Гебхард Леберехт фон Блихер, сместени во јужниот дел на тогашното Обединето Кралство Холандија (денешна јужна Белгија), пред ним да им се придружат австриските и руските трупи. 

Ноќта меѓу 14 и 15 јуни француските војници предвоени од Наполеон ја преминуваат реката Самбр, близу Шарлероа, нанесувајќи им пораз на пруските сили, кои со мали загуби се повлекуваат, но неговата војска не успева да го освои Катр-Бра, место под контрола на Бритнците на 15 километри јужно од Ватерло каде се вкрстуваат патишта од југот кон Брисел и Намур. Сепак, Наполеон проценува дека е постигната главната цел на стартот на неговата кампања – раздвојување на силите на Велингтон и Блихер. 

Дознавајќи за поразот на Прусите, Велингтон на 17 јуни ги повлекува своите сили на позиции јужно од Ватерло. Стратегијата на Велингтон била неговите сили да се одржат на таа позиција се до враќањето на пруските сили. Тој под своја команда има околу 70.000 војници од Велика Британија, Холандија, Хановер, Брунсвик и Насау, како и француски ројалисти со вкупно 184 топови, распоредени на фронт долг околу 4.000 метри. Во исто време, регрупираните пруски војници се упатуваат кон Ватерло, со идеја да ги нападнат Французите од страна. 

Битката кај Ватерло 

Наполеон, кој располага со околу 73.000 луѓе и 266 топови, утрото на 18 јуни решава да го нападне Велингтон, но калливата земја по поројниот дожд проследен со силен северен ветер во текот на ноќта го принудува да го одложи нападот првично планиран за во 9 часот. 

Нешто по 11 часот, со цел одвлекување на внимание, дивизија предводена од братот на Наполеон, Жером Бонапарта започнува напад на фармата-утврдување Угумон, каде се сместени околу 2.000 британски војници. По околу два часа борби, група француски војници успеваат да упаднат во утврдувањето, но набрзо се уништени.

Околу 14 часот, британските војници во Угумон се изложени на жесток артилериски напад, а по ова на дивизијата на Жером Бонапарта и се придружуваат уште две дивизии, со што околу 8.000 Французи, кои безуспешно се обидуваат да ги разбијат Британците стационирани во утврдувањето и околната шума.  

Конечно, меѓу 12.30 и 13 часот Наполеон издава наредба за напад и неговата артилерија ги гранатира позициите на британско-холандските сили со 80 топови долж фронтот долг 1,4 километри, а околу 13.30 почнува пешадиски напад на околу 17.000 француски војници, распоредени во баталјони во неколку редови во формации 180 на 24 луѓе.

Французите за кусо време напредуваат на бојното поле, преземајќи контрола врз неговиот средишен дел, но тогаш Велингтон започнува контранапад врз француските пешадинци кои остануваат заглавени во својата формациска поставеност и почнуваат со повлекување. Понесени од успехот, две британски коњички бригади напредуваат до позициите на француската артилерија, каде се речиси целосно уништени. 

Околу 13 часот 30.000 пруски воиници се доближуваат на околу осум километри од бојното поле кај Ватерло, пристапувајќи има на француските сили од десна страна. По добивањето на оваа информација Наполеон испраќа 13.000 војници да ги запрат Прусите. 

Помеѓу 15 и 16 часот Наполеон издава наредба за нов напад врз британските сили, по што Велингтон ги поместува своите трупи наназад извлекувајќи ги вон дострелот на француската артилерија, што Французите го толкуваат како повлекување и упатуваат дополнителни сили на линијата на фронтот. Ним, околу 17 часот им се придржуваат и околу 10.000 француски коњаници, кои јуришаат на британската пешадија, која успева да им се спротивстави потпомогната од артилеријата, што ги принудува Французите на повлекување. Преостанатите француски војници набрзо почнуваат нов напад, но одново се одбиени и околу 17.30 остануваат со околу 800 коњаници и речиси целосно разбиена пешадија. 

Околу 17 часот започнуваат првите борби меѓу француските и пруските сили. Под притисок на трипати побројниот непријател, Французите се повлекуваат, поради што Наполеон е принуден кон Прусите да упати уште две дивизии со цел да го спречи нивното натамошно напредување и поврзување со силите на Велингтон. Жестоките борби ќе траат до околу 20 часот. 

Во штабот на Наполеон околу 19 часот стигнуваат информации дека пруските сили се пробиле и дека наскоро ќе пристигнат на бојното поле кај Ватерло. По ова околу 19.30 часот Наполеон издава наредба за нов напад, но неговите сили наидуваат на жесток артилериски удар, по што се нападните од британските пешадинци кои ги чекаат во заседа залегнати во пченичните полиња. На овој начин силите на Велингтон успеваат да го спречат пробојот на Французите се до пристигнувањето на пруските трупи. 

Во такви услови преостанатите околу 6.000 француски војници, без поддршка од артилерија и коњица се принудени на повлекување. Тогаш Велингтон ги поместува своите трупи, поставувајќи ги француските војници меѓу неговите и пруските сили. Французите само кусо успеваат да пружат отпор, по што Наполеон издава наредба за повлекување на неговите преостанати војници. 

Британците тогаш ќе им понудат на Французите да се предадат, на што добиваат одговор од францускиот генерал Пјер Камброн дека „Гардата умира, но не се предава“. 

Наполеон со своите маршали и генерали и преостанатиот дел од војската почнува повлекување на југ, со што Битката кај Ватерло завршува околу 21 часот. Но, во потера по нив тргнуваат Прусите, кои речиси целосно ги разбиваат француските сили кај Женап, по што она што преостанува од нив заедно со нивниот цар се повлекуваат во Шарлероа. 

Исходот и последиците од Битката кај Ватерло  

Иако, сојузниците се сметаат за победници во Битката кај Ватерло, тие имаат речиси идентични загуби колку и Французите од над 29.000 војници. Според расположливите податоци, во битката загинале или биле ранети околу 9.500 Холанѓани и Германци и по 8.300 Британци и Пруси. Дополнително, сојузничките сили заробиле околу 8.000 француски војници, а околу 15.000 дезертирале по битката. Во битката се убиени и околу 8.000 коњи. 

По поразот кај Ватерло, Наполеон заминува во Париз, каде соочен со растечкото незадоволство, абдицира на 22 јуни во корист на својот четиригодишен син принцот Наполеон Франсоа, кој е прогласен за цар Наполеон Втори. Но, тој останува на власт само до 7 јули кога силите на антифранцуската коалиција влегуваат во Париз.

Од друга страна, Наполеон три дена по абдикацијата го напушта Париз и се сместува во замокот Малмезон на околу 15 километри западно од францускиот главен град. Кога пруските сили ќе напредуваат до Париз, Наполеон на 28 јуни бега во Рошфор на францускиот брег на Атлантскиот Океан, од каде планира да побегне за САД. Но, британските бродови го блокираат пристаништето во Рошфор и Наполеон им се предава на Британците на 15 јули. По ова Наполеон и 27 негови приврзаници се депортирани на островот Света Елена во централниот дел на Атлантскиот Океан, помеѓу Африка и Латинска Америка, каде тој умира на 5 мај 1821 година на 51-годишна возраст.   

Некои воени теоретичари сметаат дека Битката кај Ватерло поставила нови правила во воените тактики со зголемувањето на моќта на артилеријата и со давање предност на одбраната пред нападот, доминантна теорија на војувањето се до Втората светска војна. 

Сеќавање на Ватерло 

Во сеќавање на настаните од 18 јуни 1815 година на бојното поле кај Ватерло на површина од околу 20 хектари се поставени повеќе обележја на различни настани и детали од битката.  

Централно обележје на локацијата е могилата во форма на конус висока 43 метри, на чиј врв се наоѓа лав од леано железо кој „гледа“ кон Франција. Споменикот наречен „Лавовска могила“ е изграден во 1820 години од страна на тогашниот холандски крал Вилем на местото на кое се верува дека во битката бил ранет неговиот син, принцот Вилем Фредерик ван Орање-Насау, идниот крал Вилем Втори. 

Могилата е видлива на оддалеченост од неколку километри, а од нејзиниот врв, до кој се стига преку 226 скали, се пружа панорамски поглед на бојното поле на Ватерло. 

Покрај Могилата е изграден Музејот „Ватерло 1815“, каде се изложени повеќе слики, експонати и мултимедијални прикази на настаните од битката.  

Фармата Угумон е обновена од страна на Велика Британија, како спомен обележје на британските војници кои загинале во битката.

Обновената фарма е пуштена во употреба во 2015 година на одбележувањето на 200-годишнината од битката, од страна на тогашниот престолонаследник, а сегашен британски крал Чарлс. 

Покрај обележјата на бојното поле, лоцирано на околу три километри од Ватерло, во самиот центар на градот се наоѓа Музејот „Велингтон“ посветен на командантот на здружените сојузнички сили, војводата од Велингтон.

Музејот е сместен во зграда од 1705 година во која за време на битката се наоѓал штабот на Велингтон. Во него има автентични предмети и реплики, вклучително и оружје од времето на битката. 

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан