• недела, 24 ноември 2024

МЗ: Направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор

МЗ: Направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор
Скопје, 25 ноември 2022 (МИА) - На Клиниката за дигестивна хирургија, денеска беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор, прва во историјата на македонското здравство. - Шеесетгодишен пациент со хронична болест на црниот дроб доби здрав орган од пациентка во мозочна смрт чие семејство вчера се согласи да ги донира органите. Покрај црн дроб, се вршат и трансплантации на бубрези кај двајца пациенти со бубрежна болест, објави на Фејсбук Министерството за здравство. Министерот за здравство Беким Сали, од свое и од името на целиот персонал, вклучен во трансплантациите се заблагодари на семејството на донорот и на нивната одлука да спасат не еден, туку три животи. -    Ни покажаа уште еднаш дека живот може да се подари. Благодарност и до сите медицински тимови вклучени во трансплантацијата кои изминатите 24 часа работеа и продолжуваат да работат со пациентите. Особена благодарност до професор Зоран Караџов и неговиот тим, како и тимот на Клиниката за гастроентерохепатологија, кои денес испишаа нов лист не само во делот на дигестивната хирургија туку и во целокупното здравство, истакна министерот за здравство Сали. аа/са/

Остани поврзан