• недела, 22 декември 2024

МЗ: Министерството за здравство нема исплатено ниту денар за модуларните амбуланти

МЗ: Министерството за здравство нема исплатено ниту денар за модуларните амбуланти

Скопје, 14 август 2023 (МИА) – Министерството за здравство ги демантира и ги отфрла како невистина наводите дека од негова страна биле исплатени пари за модуларните објекти на Здравствен дом Скопје. Ова е апсолутна невистина, потенцираат од МЗ.

- Министерството за здравство и министерот д-р Фатмир Меџити го поддржуваат истражувачкото новинарство, слободата на говорот и јавното мислење бидејќи тоа е одлика на секое слободно и демократско општество какво што е и нашето. Во целост соработувавме и ќе соработуваме со сите институции во врска со судските постапки поврзани со пожарот во Тетово. Во овој контекст, МЗ во целост ги демантира и ги отфрла како невистина наводите кои се шират на социјалните мрежи дека од страна на МЗ има исплатено пари за модуларните објекти на ЗД Скопје. Ова е апсолутна невистина, истакнуваат од МЗ.

Оттаму, посочуваат дека министерот Меџити со стапување на функцијата во МЗ се заложил за откочување на сите постапки, процедури и проекти, кои една година биле заглавени од страна на претходното раководство на министерството.

- Една од постапките беше и изградбата на скопските модуларни амбуланти. Една година претходното раководство на МЗ не дало никаков одговор на компанијата која ги правеше објектите. Во врска со таа постапка, а за да се избегнат судски постапки, за кои отштета би се платила од буџетот, односно од парите на граѓаните, МЗ изготви информација до Владата од каде се чека одговор од неколку институции дали МЗ треба да ги исплати трите направени амбуланти, од планираните 10, со што би се избегнало плаќање на затезни камати и отштета, објаснуваат од Министерството за здравство.

Од МЗ нагласуваат дека оваа постапка сè уште не е завршена и од страна на МЗ самоиницијативно нема исплатено ниту денар за модуларните објекти.

- МЗ работи согласно законот и пред сè ги штити граѓаните и нивните права, потенцираат од министерството. ир/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан