• недела, 07 април 2024

МЗШВ: Дополнителниот заменик министер е против малите производители на храна и малите винарии

МЗШВ: Дополнителниот заменик министер е против малите производители на храна и малите винарии

Скопје, 4 март 2024

Во интерес на точно информирање на јавноста Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како неточни и крајно погрешни ги оценува денешните тврдења на дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски, дека надвор од закон се исплатени средства за финансиска поддршка на малите производители на храна и пијалаци.

Вистината е дека овие програми се реализираат преку законот за извршување на буџетот, нешто што и во самата програма јасно е наведено. Вистина е дека малите производители на храна и малите винарии се успешна приказна, по која како држава сме препознатливи во регионот.

Останува прашањето кое треба да го одговори дополнителниот заменик министер дали е против поддршката кон малите производители на храна и пијалаци?

Преку овие неточни обвинувања дополнителниот заменик министер јасно праќа порака дека е против малите производители на храна, малите винарии, против жените земјоделки и младите земјоделци, кои се директни корисници на овие програми.

Дополнителниот заменик министер е против успешната мала винарија Друм од Виница, во чија посета лично беше и самиот. Против Силвана, жена земјоделка од Берово, мал производител на храна која има набавено опрема за преработка на сливи, која самата ги произведува.

Токму ова министерство заедно со Националната федерација на фармери, заедно со Македонските семејни винарии и со АХВ, во 2019 година подготви и донесе два правилници за продажба од куќен праг, преку кои им овозможивме на земјоделците од своето производство да подготват финален производ и истиот да можат слободно да го продаваат од својот дом, или фарма. Истата година преку измени во законот за вино се олеснува постапката за регистрација и отвора можноста за регистрирање на мали семејни винарии.

Со овие нови програми министерството доделува грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство на малите производители на храна и малите винарии. Програми што се широко поддржани од земјоделците.

Преку нив само во овие години како министерство сме поддржале повеќе од 270 мали производители, од кои 66 корисници се жени земјоделки.

Дека овие програми дале резултати говорат и бројките.

Денес бележиме бројка од вкупно 173 регистрирани мали семејни винарии, односно од 2020 до 2022 регистрирани 83 мали семејни винарии, а само во 2023 година имаме регистрирани нови 95 мали винарии. Денес вкупниот број на регистрирани винарски визби, денес во државата изнесува 255 винарски визби, што претставува бројка за почит, а дополнителниот заменик министер е против нив.

Денес имаме вкупно 2.508 регистриран оператор со храна од животинско и неживотинско потекло, во Агенцијата за храна и ветеринарство. Или само во една година бележиме нови 1.540 регистрирани оператори со храна од животинско потекло и 420 нови регистрирани оператори од неживотинско потекло.

Ние како министерство сме горди на малите производители. Нашата поддршка кон нив ја продолжуваме и оваа година.



Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МЗШВ

 

Остани поврзан