Меџити: Чаир ќе има ново модерно училиште, образованието ќе биде врв на нашите приоритети
Скопје, 2 октомври 2025 (МИА) – Кандидатот за градоначалник на општина Чаир од ВРЕДИ Изет Меџити на прес-конференција најави проекти од областа на образованието за кое рече дека е клучот на иднината и оти секое дете во општината заслужува достоинствени услови за учење.
Соопшти дека во план е изградба на ново училиште во Тенеќе Маало и потсети на најавените проекти за изградба на уште две училишта во Чаир – нов објект за училиштето за деца со попречености „Иднина“ и изградба на уште едно основно училиште, со што би се исполниле условите за едносменска настава на учениците во оваа општина.
-Еден од најголемите проекти во мојот иден мандат е изградба на модерно училиште во Тенеќе Маало кое е и во ДУП во форма на V и идејата е да се вика „Викторија“. Оваа инвестиција ќе им ги отвори вратите на знаењето на околу 1300 ученици во објектот со површина од 4700 квадратни метри, со 54 училници, осум кабинети, две лаборатории опремени според највисоки стандарди. Училиштето во кое ќе се учи само во една смена ќе биде вистински простор за развој и ќе биде гордост за Чаир, истакна Меџити.
Паралелно со овој проект, рече, ќе се градат и другите два училишни објекти – еден за ОУРЦ „Иднина“ и до него уште едно ново основно училиште за редовна настава.
-Со овие инвестиции, Чаир ќе има вкупно 11 модерни основни училишта каде секое дете ќе учи во еднакви и достоинствени услови. Овој чекор нè придвижува кон конечното решение – настава во една смена и целодневна настава во сите училишта во општината. Како иден градоначалник на Чаир се обврзувам дека образованието и нашите деца секогаш ќе бидат на врвот на нашите приоритети, рече Меџити на прес-конференцијата. хс/вј/
Фото: МИА