• петок, 22 ноември 2024

Меџити се сретна со американскиот помошник-секретар за енергетски ресурси Џефри Рос Пајат

Меџити се сретна со американскиот помошник-секретар за енергетски ресурси Џефри Рос Пајат

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити за време на официјалната посета на САД се сретна со американскиот помошник-секретар за енергетски ресурси Џефри Рос Пајат.

Како што соопшти Министерство за животна средина и просторно планирање, Меџити информира дека на оваа средба, на која бил придружуван од  министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, се разговарало за состојбата со енергетските ресурси во земјава и долгорочните планови за инвестиции во овој витален економски сектор.

- На средбата разговаравме за енергетските ресурси во нашата земја, а посебно се фокусиравме на инвестициите што ги планираме за производство на електрична енергија од зелени извори. Една од нашите главни цели е да ја намалиме зависноста од увоз на енергија од други земји, рече Меџити.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање изјави дека важна точка од разговорот со помошник-секретарот за енергетика на САД било вклучувањето на Северна Македонија во Трансанадолскиот (ТАНАП) и Транс-јадранскиот гасоводот (ТАП), како план за значително намалување на увозната зависност на енергија од странство, што според него, ќе придонесе за енергетска стабилност на земјата.

- Информирав и за долгорочниот план што нашата влада го составува во областа на енергетиката, за подобрување на квалитетот на воздухот и водите во државата. Посветеноста на зелената иднина останува наш приоритет, изјави вицепремиерот Меџити по средбата. мд/

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање



Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан