Меџити и Ѓорѓиевски не гледаат проблем што независните кандидати ќе можат со два потписа да се кандидираат на локалните избори
- Првиот заменик-претседател на Владата, министер за животна средина и просторно планирање и кандидат на ВРЕДИ за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник за Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски не гледаат причина за проблем и паника по одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) независните кандидати со два потписи да можат да се кандидираат на локалните избори.
Скопје, 19 август 2025 (МИА) - Првиот заменик-претседател на Владата, министер за животна средина и просторно планирање и кандидат на ВРЕДИ за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник за Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски не гледаат проблем и причина за паника по одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) независните кандидати со два потписи да можат да се кандидираат на локалните избори.
Меџити не очекува ова да му наштети на изборниот процес, потенцирајќи дека тие треба да очекуваат гласови оти како што посочи, ќе се елиминираат уште во првиот круг.
-Мислам дека тоа нема да му наштети на процесот. Сигурно оној што ќе се појави како независен кандидат треба да има и поддршка, а не само два потписа. Може да се појави, но како што ќе се појави, така и си оди. Затоа не гледам проблем. Мислам дека би требало да се сериозни и кои што ќе очекуваат гласови. Ќе се елиминираат уште во првиот круг, рече Меџити, кој заедно со Ѓорѓиевски беа во посета на улицата „Цветан Димов“ во Чаир (Јахја Паша).

Ѓорѓиевски потенцира дека во демократско општество секој треба да има шанса да учествува на избори. Тој е убеден дека ќе победи уште во првио круг на локалните избори.
- Добро е во демократско општество, секој да има шанса. Јас искрено не гледам причина за паника барем кај мене. Јас сум убеден во победата во првиот круг на овие локални избори. Тоа се гледа евидентно и од поддршката којашто постојано на дневна основа ја добивам од страна на граѓаните. Демократско општество сме. Секој треба да има права и можности да биде биран, исто како што има право да бира. Не гледам нешто спорно во тоа, рече Ѓорѓиевски.
Во однос на обвинувањата од ДУИ дека наместо Европска унија тие во земјава донеле „српски свет“, Меџити истакна дека смешно е тие што протежирале Отворен Балкан, сега да обвинуваат за такви работи.

- Смешно е тие што 11 пати биле во Белград, како министер за надворешни работи, мислам на Османи. Тие што протежираа Опен Балкан, сега да обвинуваат за такви работи. Но, денеска сме тука за локални политики, за конкретни проекти , за конкретни идеи, кои се многу битни за граѓаните. Како што гледате, ова е многу реален проблем и тука сме да решиме реални проблеми. ДУИ немајќи визија, немајќи програма, немајќи реформи во своите редови и на локални избори сака да се бават со теми на Обединетите нации, рече Меџити.
Прашан да го коментира ребрендирањето на ДУИ во Национална алијанса за интеграција, Меџити побара од новинарите да зборуваат за денешниот настан оти, како што нагласи „Цветан Димов“ им е многу побитен на чаирчани.
На прашањето дали членството го напушта ВРЕДИ, Меџити повтори дека е дојден таму за многу значаен проект за Општина Чаир.
- Кажав. Тука сме за многу значаен проект, да не кажам најзначајниот проект за Општина Чаир и за граѓаните, рече Меџити.фф/са/
Фото: МИА/ Фејсбук на Орце Ѓорѓиевски