• понеделник, 20 јануари 2025

Меџити до Даути: Демонстриравме демократски и политички капацитет дека знаеме да ги решаваме и да ги унапредуваме прашањата

Меџити до Даути: Демонстриравме демократски и политички капацитет дека знаеме да ги решаваме и да ги унапредуваме прашањата

Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Ние демонстриравме демократски и политички капацитет дека знаеме да ги решаваме и да ги унапредуваме прашањата како што е случајот со балансерот, прашање што беше укинато од Уставниот суд, кој е независен од Владата, но Владата покажа дека ова ќе се реши со посебно законско решение, изјави денеска вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити одговарајќи на опозициски прашања на Илире Даути од АА, поврзани со употребата на албанскиот јазик, но и други прашања како интонирањето на химната и образование. 

Меџити рече дека фокусот на Владата е образованието, нагласувајќи дека опозицијата ја извртува тезата и дека и премиерот и претседателката изјавиле дека албанскиот јазик е „уставна категорија“ и дека во моментот тоа е решено со Законот за употреба на албанскиот јазик.  

-Разликата беше дека кога беше укинат законот за матичните книги, кога вие го водевте тој ресор, вие си молчевте и не го решивте овој проблем. Ние ќе го решиме и законот за матичните книги и за новородените што нема да биде во спротивност со Уставниот суд и на овој начин ќе ги решиме и овие закони кои се однесуваат на образованието додека за албанскиот јазик, мислам дека се обидовте да злоупотребите. Изјавите беа и на премиерот и нашите од Влен и од претседателот на државата дека албанскиот јазик е уставна категорија и во моментот е решен со законот за употреба на јазици со формулацијата за 20 отсто. Ние демонстриравме дека законот за јазиците нема да се допре и за законите за образование нема зошто да се грижите бидејќи има кој да ги претставува Албанците и нема да имаме дефокус и нашата енергија да ви се остави вас, туку ќе бидеме фокусирани кон закони за образование, поквалитетни и подобри, рече Меџити, на собраниската седница.

Пратеничката не беше задоволна од одговорот велејќи дека „нема ништо од законот за правична застапеност“. 

-Механизмот на балансерот ќе го замениме со соодветно решение. Многу бргу во Собранието ќе биде пред пратениците и вие ќе го гласате. Албанците имаат претставник во оваа влада кој ги претставува. Не е работата дали вие сте задоволна или не, тука се соочуваат аргументи, рече Меџити. ев/нд/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан