• четврток, 26 март 2026

Меџити: Дали Османи и Ахмети ќе продолжат да стојат пред ВМРО-ДПМНЕ за да прават влада со „албанофобот“ Мицкоски?

Меџити: Дали Османи и Ахмети ќе продолжат да стојат пред ВМРО-ДПМНЕ за да прават влада со „албанофобот“ Мицкоски?

Скопје, 2 октомври 2025 (МИА) - Јавно ги прашувам Османи и Ахмети да одговорат дали ќе направат влада со „албанофобот“ Мицкоски, праша  Изет Меџити, кандидат за градоначалник на општина Чаир од ВРЕДИ.  

-Цело време стојат пред врата и со кого сакаа да направат влада? Токму со Мицкоски. Јавно ги прашувам дали ќе престанат или ќе продолжат  да стојат пред вратата на ВМРО-ДПМНЕ и пред Мицкоски да го молат, и без претседател на Собрание, со помалку министри, како што кажуваат и нивните партнери кои не се веќе со нив. Значи, дали ќе направат влада со „албанофобот“ Мицкоски, на тоа треба да одговорат јавно, рече Меџити одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вчера од митинг во Неготино упати порака до раководството на ДУИ дека „не е албанофоб, како што тие кажуваат, туку криминалофоб кој ги презира политичките криминалци кои во политиката влегоа голтари, а излегоа милионери и се богатеа на грбот на граѓаните“. 

-На секој митинг ги слушам од раководството на ДУИ како ме нарекуваат ваков, таков, споменуваат орли, зајци за да последно ме наречат албанофоб. Еве јас од тука, од Неготино, би сакал и ним да им одговорам. Јас не сум ниту албанофоб, ниту каков било човек којшто е ксенофоб и којшто има проблем со етничката припадност на кој било мој сограѓанин во нашата заедничка татковина, Македонија, рече Мицкоски. хс/са/

 

Фото: МИА 

 

Остани поврзан