Меѓународниот научен собир „Јазикот во медиумите“ во рамки на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“
- Меѓународен организациски одбор денеска преку соопштение потсетува дека 1 мај 2025 година е крајниот рок за пријавување на теми за Меѓународниот научен собир „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“, што се организира на 15 и 16 мај оваа година, во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“.

Скопје, 24 април 2025 (МИА) - Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков “ – Скопје, придружна членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“, оваа година, по 29. пат организира Меѓународен научен собир.
Меѓународен организациски одбор денеска преку соопштение потсетува дека 1 мај 2025 година е крајниот рок за пријавување на теми за Меѓународниот научен собир „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“, што се организира на 15 и 16 мај оваа година, во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“.
Изборот на овогодишната тема, како што велат од Меѓународниот организациски одбор, претставува надоврзување на една претходна традиција, во развојна смисла, како збогатување на континуитетот на децениската јазично-културна динамика во Македонија.
-Медиумите се најдостапен извор на податоци за учење и за проучување на јазикот зашто силно дејствуваат во обликувањето на јазикот на една заедница, а истовремено се и многу влијателен фактор во градењето на културниот, општествениот и политичкиот живот на таа заедница. Медиумските текстови денес имаат општествена функција и се еден вид „конверзација“ за актуелни прашања, се наведува во соопштението.
Оваа широкопоставена тема, како што велат организаторите, ги опфаќа поттемите:
– Медиумите и нивното влијание врз јазичната норма.
– 80 години македонска азбука и правопис (од традиционални до современи медиуми).
– Функционално-стилски особености на јазикот во медиумите.
– Критериуми за жанровско систематизирање и категоризација на јазичниот израз на медиумските текстови – основа за лингвистички истражувањa.
– Улогата на новите медиуми во обликувањето на современата комуникација и во информирањето, но и како предмет на проучување на многу дисциплини и др.
Од Меѓународниот организациски одбор во соопштението наведуваат дека Насловот на рефератите со апстракт и клучни зборови ги очекуваат најдоцна до 1 мај 2025 година, на електронската адреса korubin2025@gmail.com. дма/ац/