• недела, 22 декември 2024

Меѓународна конференција по повод 40 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност

Меѓународна конференција по повод 40 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност
Скопје, 15 октомври 2021 (МИА) - По повод јубилејот 40 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност, денеска и утре ќе се одржува Меѓународна научната конференција „Предизвиците на компаративната книжевност во 21 век“. На научната конференција ќе бидат изложени четириесетина реферати посветени на развојот на македонската книжевна компаративна наука, на творештвото на Блаже Конески низ компаративни визури, како и на клучните актуелни предизвици на оваа книжевно-научна дисциплина. Конференцијата се одржува во рамките на програмата на свечености на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, во која годинава се одбележува јубилејот 100 години од раѓањето на патронот и 75 години од основањето на Факултетот. Катедрата за општа и компаративната книжевност како предмет на изучување го има широкото поле на традиционалните и современите теоретски пристапи кон книжевноста и другите уметности, како и компаративно-историското изучување на македонската книжевност во врска со сите европски и други книжевности и култури. Катедрата остварува наставни и истражувачки активности во кои студиите реализирани преку компарирањето како дисциплина, колку што го нагласуваат односот меѓу националната книжевност и другите книжевности, толку ги истражуваат одговорите на прашањата за поврзаноста на книжевноста со сите други уметности - театарот, сликарството, филмот, фотографијата, како и современите дигитални технологии.свс/хс/

Остани поврзан